Грнчаров: Ова ми е најдраг гол во кариерата

Бобан Грнчаров одигра фантастичен натпревар на реваншот со Малме, капитенот беше извонреден во одбраната, а погоди и кога беше најважно во нападот, кога по корнерот на Фелипе биеше прецизно со глава и ја разниша дотогаш сигурната одбрана на шведскиот првак. Грнчаров, кој и пред овој двомеч најавуваше дека е време за европски успех на Вардар, не го криеше задоволството по големата победа и пласманот во третото квалификациско коло за ЛШ.

Јас речиси никогаш не чувствувам притисок, но признавам дека денеска не ми беше сеедно кога излегував на теренот. Влогот беше огромен, исто така и желбата за победа, па кога мене ми било така можам да замислам како се чувствувале помладите играчи. Како и да е, успеавме во желбата, се пласиравме во следната рунда и тоа е најважно“ – изјави Грнчаров.

За искусниот дефанзивец денешниот гол е најзначајниот што го има постигнато во својата богата кариера.

Првите десетина минути игравме многу лошо, во грч, но потоа се подобривме. Примивме гол од пенал. Судијата не досуди пенал за нас во финишот од полувремето, но го оставивме тоа зад нас, одигравме храбро во второто полувреме и заслужено победивме. Овој гол ми е можеби најважен во кариерата бидејќи го давам во историски момент за Вардар. Пресреќен сум, одиме напред, не застануваме, на сите оние кои не веруваат во нас да им кажеме дека можеме уште подобро“ – изјави Бобан Грнчаров.

Се вчитува...