Гвардиола: За ваква сезона ќе добиев отказ во Барса и во Баерн

Сезоната во Премиер-лигата се ближи до крај, а Пеп Гвардиола нема по добро да го памети својот деби-шампионат во елитното англиско фудбалско друштво. Ова ќе биде прва сезона во неговата тренерска кариера во која Гвардиола нема да освои буквално ништо, па токму затоа каталонскиот стратег е благодарен на довербата на челниците на Манчестер сити во него, нешто што не би било случај ако останел да работи во Барселона или во Баерн.

За ваква сезона сигурно ќе добиев отказ во Барса и во Баерн. Кога дојдов во Барселона, притисокот беше огромен, а јас немав никакво реноме за да се одбранам. Таму едноставно мора да се победува, ако не за шест месеци добивате отказ. Истото е случај и со Баерн, тим со навика за победување и за освојување на трофеи. Благодарен сум им на челниците на Сити што ми даваат втора шанса, дефинитивно сите заедно ќе сториме се за да ја оправдаме довербата и да освоиме најмалку еден пехар во новата сезона“ – изјави Гвардиола, кој во изминатите седум години во Шпанија и во Германија освои дури 21 трофеј.

Покрај довербата од раководството, Пеп ќе добие и над 150 милиони фунти за ангажман на нови засилувања, се со цел да состави тим со кој би атакувал на титулата во следната сезона. Приоритет е ангажман на врвен дефанзивец (на врвот на листата со желби се Бонучи и Ван Дајк), а Сити исто така искажува сериозен интерес и за бековите на Тотенхем, Вокер и Роуз, како и за Обамејанг од Борусија Дортмунд.

Се вчитува...