Хамилтон: Ферари сега го има најдобриот болид во Формула 1

Луис Хамилтон има причина за загриженост по проблемите со кои возачот на Мерцедес се соочи за време на трката за Големата Награда на Монте Карло. Британецот по подолго време не успеа да се пласира во финалната рунда од квалификациите за пол-позицијата, па на крајот ја заврши трката само на седмото место, со речиси 16 секунди заостанување зад победникот Себастијан Фетел. Германецот со тоа ја зголеми предноста во генералниот пласман, а Хамилтон е свесен дека тој и неговиот тим ќе имаат полни раце работа во следниот период бидејќи болидот на Ферари во моментов делува подобро од оној на Мерцедес.

Дојдовме неподготвени во Монако, работите не одеа како што треба, болидот се однесуваше поинаку од досега, што беше сосема неочекувано за механичарите. Тие го поправија проблемот, но се останато во болидот се влоши. Повторно се вративме на она непознато сценарио кога еден од двата болиди функционира, но мојот не, а не може ниту да се открие конкретниот проблем. Ќе ни биде многу тешко на преостанатите 14 трки, бидејќи ми изгледа дека Ферари функционира на сите патеки. Тие сега го имаат најдобриот болид во Формула 1, како што ние бевме најдобри минатата година“ – изјави Хамилтон.

Британскиот возач се наоѓа на второто место во генералниот пласман со 104 бода, дури 25 помалку од лидерот Себастијан Фетел.

Се вчитува...