Хамилтон нападна, Ботас одговори -Ќе се бориме на патеката!

Светскиот шампион Луис Хамилтон и неговиот клупски колега од Ф1 тимот на Мерцедес, Валтери Ботас, најавуваат жестока борба за титулата пред стартот на новата сезона во Формула 1.

Ботас изјави дека е решен во претстојната сезона да ја напаѓа титулата и да го симне Хамилтон од тронот.

Сакам да победам на што повеќе трки и да ја освојам титулата. Нема да играм ментални игрички со Хамилтон. Мојата цел е да бидам добар на патеката и да покажам мускули кога е потребно. Енергијата ќе ја трошам на себе и на своите настапи. Се надевам дека моите возења ќе бидат доволно добри за да одработам на вистински начин. Сакам да се борам со Луис на патеката“ – изјави Финецот кој минатата сезона заврши на третата позиција зад Луис Хамилтон и Себастијан Фетел.

Изјавата на Ботас доаѓа по пораката што му ја испрати Хамилтон дека во втората сезона во Мерцедес, Ботас веќе нема простор за пропусти и извинувања

„Валтери Ботас веќе нема извинувања за оваа сезона и треба да биде кандидат за шампионската титула во Формула 1. Лани беше нов во тимот, но сега веќе е друга ситуација. Да дојдеш во нов тим и да научиш се за него, новиот систем и сите други мали детали, е многу долг процес. Валтери лани се справи одлично  во последните неколку трки, тоа ми се допаѓа. Очекувам тој да биде во топ-форма пред новата сезона. Дали гледам поголема конкуренција од негова страна? Па, очекувам точно тоа да се случи. Тој ќе биде во врвна форма, но истото важи и за мене“ – изјави Луис Хамилтон.

Во однос на ривалтвото во Мерцедес и шансите на двајцата возачи во борбата за шампионската титула, интересно е мислењето на Ники Лауда. Според неговите зборови, новиот болид на Мерцедес W09 повеќе одговара на стилот на Ботас отколку на Хамилтон.

Новата сезона во Формула 1 стартува на 25 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.

Се вчитува...