Хамилтон со пол-позицијата во Австралија, Ботас комплетно го уништи болидот

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон ќе стартува од првата позиција на првата трка од новата сезона во Формула 1 која ќе се вози во Австралија.

Актуелниот светски шампион доминираше на тренинзите претходниве денови, за да денеска во квалификациите биде значително подобар од останатите стигнувајќи до пол-позицијата со време од 1:21.164. Ова е нов рекорд на патеката „Алберт Парк“ кој е за 1.124 секунди подобар од досегашниот кој Хамилтон го постави минатата сезона.

Зад себе британскиот возач ги остави возачите на Ферари, Себастијан Фетел и Кими Раиконен, а зад овие двајца е двоецот на Ред Бул, Макс Верстапен и Даниел Рикиардо.

Вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас доживеа несреќно излетување во третиот квалификациски круг. Потполно го уништи болидот, па утре на трката ќе стартува од последната позиција.

Се вчитува...