Харден го урна и Кари – останува во Хјустон за 228 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Кратко траеше престојот на Стеф Кари на листата на најбогати договори во историјата на НБА-лигата, откако асот на Голден стејт стана првиот што ја урна границата од 200 милиони долари. Сепак, извонредниот шутер вечерва му го препушта местото на врвот на Џејмс Харден, откако најдобриот кошаркар на Хјустон се договори за продолжување на соработката со „ракетите“ за неверојатни 228 милиони долари.

За да нема влијание врз селари-капот на Хјустон, овој договор ќе стапи на сила од 2019 година и ќе трае до крајот на сезоната 2022/23, период во кој Харден ќе добие 228 милиони долари. Тој минатото лето потпиша четиригодишен договор за вкупно 118 милиони долари, но „ракетите“ со овој потег сакаа да се погрижат дека тој нема да замине никаде во периодот што следи.

„Од првиот момент во Хјустон, Џејмс покажа неверојатна работна етика, желба за победи и страст да биде најдобар. Тоа го направи да биде еден од најуникатните и најталентираните играчи во историјата на нашиот спорт, а ние со овој договор се погриживме тој да биде лидер при нашиот нов напад на шампионскиот прстен“ – изјави претседателот на Хјустон, Лесли Александер.

„Ракетите“ веќе го доведоа Крис Пол од ЛА клиперс како голема помош за Харден при остварувањето на овие амбиции, а во најава се уште неколку квалитетни засилувања кои би пристигнале во Хјустон во текот на летово.

Се вчитува...