Хасани: Штета што не ја победивме Турција, но среќа и поддршка ќе ни треба против Шпанија

Македонскиот фудбалски репрезентативец Ферхан Хасани жали што националниот тим не успеа да ја совлада Турција (0-0) на пријателскиот натпревар што се одигра пред два дена во Скопје. „Црвено – жолтите“ доминираа против силните Турци, но, сепак, изостанаа головите во мрежата на Волкан Бабачан. Но, задоволен е од играта и тимскиот дух кој владее во репрезентацијата, верувајќи дека конечно среќата ќе биде со нас против моќната Шпанија.

Хасани, како и претходно Илија Несторовски и неколку други репрезентативци, исто така потенцира дека Македонија треба многу посилно да биде поддржана од трибините на сите натпревари, не само со големи репрезентации како Шпанија и Италија.

„Игравме одлично, штета што не триумфиравме против Турците, ќе беше тоа супер – мотивација за Шпанија. Сум потенцирал и претходно, како и на квалификациите така и сега, ни недостасува малку среќа во вакви мечеви. Но, добро е што се чувствува колектив меѓу нас. Мило ми е што покажавме карактер против Турција, одлично се браневме и не им дозволивме да го загрозат нашиот гол, иако пробуваа да притиснат. Со шансите кои ги создадовме можевме да победиме и со голема разлика, но, ете два гола ни поништија. Не е важно што не дадовме гол, напредокот е воочлив, на секоја следна сребда играме се’ подобро, и навистина сме среќни поради тоа. Ако доминиравме со една Турција, сметам дека со ист став можеме да извлечеме позитивен исход и против Шпанија на 11 јуни, само ни треба поголема поддршка од трибините на секој натпревар“ – потенцира Хасани.

Се вчитува...