Херем си оди од Вардар: Спогодбен раскин на договорот со Норвежанката

Норвешката интернационалка Камила Херем на крајот од сезоната го напушта тимот на Вардар, откако спогодбено е договорен прекин на соработката со македонскиот првак. Ова е втора ракометарка што предвреме го напушта Вардар. Претходно тоа го стори и Тамара Мавсар, по што останува отворена левата крилна позиција.

Херем требаше да остане во Скопје најмалку две сезони, но по нејзино барање си заминува. Досега постигна вкупно 33 гола во Лигата на шампионите, најмногу на дуелот со Астраханочка, пет во Скопје. На двете четвртфинални средби со Митјиланд, Норвежанката постигна два гола, двете на гостувањето во Данска.

„На барање на Херем, спогодбено е раскината соработката откако таа изрази желба за враќање во татковината. Ние ја почитуваме нејзината одлука и ѝ посакуваме успех во кариерата“, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар, за официјалниот сајт на клубот.

Женскиот тим на Вардар по четврти пат ќе игра на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, што ќе се одржи во Будимпешта, а во полуфиналето ќе се сретне со актуелниот европски првак, ЧСМ Букурешт.

Фото: www.zrkvardar.mk 

Се вчитува...