Хероите не ги кријат емоциите: Се што е убаво има крај… И благодариме на цела Македонија!

ЕКИПА во Гдиња,

Владимир Булатовиќ, Никола Ѓуровски, Игор Паневски

Под силен емотивен набој македонските репрезентативци го очекуваат својот последен натпревар на Европското првенство во Полска. Дуелот со Португалија вечерва од 20:45 часот на арената „Миејски“ во Гдиња значи и крај за патот на генерацијата млади фудбалери кои го донесоа најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал. Токму затоа е и значењето за нив на денешниот натпревар, нешто кое лесно можеше да се забележи и на вчерашниот последен тренинг на репрезентативците…

„Не е сеедно кога доаѓате до крај на едно извонредно искуство. Секако пред нас е и натаму долг фудбалски пат, но ова што ни се случуваше ниту можете ниту сакате да го заборавите. Горд сум што бев дел од оваа генерација, чест ми е што имав можност да имам вакви соиграчи. Ова што ние го направивме, а за кое ми се чини уште не сме свесни, верувам дека ќе биде пробивање на мразот за иднината на македонскиот фудбал и сите негови идни успеси. Премногу позитивни чувства, преголем емотивен набој носиме сега пред дуелот со Португалија кој мислам дека ќе го преточиме во нова наша добра игра и успешно збогување од ЕП“ – вели Бобан Николов, кој не може да ја сокрие благодарноста и за поддршката која доаѓа од целата македонска спортска јавност.

„Кога читаме и гледаме како искрено не поддржува целокупната македонска јавност добиваме уште поголема желба за вистинско надигрување против Португалија. Мислам дека како никогаш досега некоја македонска фудбалска репрезентација имаме таква огромна поддршка. Кога ќе ги видам сите тие позитивни коментари, и по поразот од Шпанија и по ремито со Србија, не може а да не кажете – благодариме Македонија!“

makedonija - srbija 6

Сосема еднакво е размислувањето и на Марјан Радески, кој вели дека посакува добар дел од овие млади репрезентативци да ги пренесат успесите и во сениорскиот состав…

„Начинот на кој цела Македонија нас не поддржуваше и не поддржува на ова Европско првенство, посакувам да биде за секоја репрезентација во иднина, без разлика некогаш и на резултатите и на случувањата на терен… Затоа што сите ние секогаш го даваме максимумот за својата земја. Мора да признам дека чувствуваме една тага затоа што ова е последниот натпревар на оваа генерација, но тоа ни носи и мотив повеќе против Португалија да го дадеме најдоброто од себе и уште еднаш да ја израдуваме Македонија“ – вели фудбалерот на тетовска Шкендија.

Натпреварот меѓу Македонија и Португалија се игра вечерва од 20:45 часот на стадионот „Миејски“ во Гдиња. Македонската селекција ги загуби шансите за пласман во полуфиналето на ЕП, и утре со чартер лет се враќа во Скопје.

Се вчитува...