Холандија пред нова мизерија, Роналдо спречи сензација во Андора

Холандија е на прагот да го пропушти и второто големо натпреварување, откако „лалињата“ одиграа уште еден очаен квалификациски циклус. Победата од 1-3 вечерва во Минск над Белорусија (со головите од пенал на Робен во 83. минута и на Депај во 93. минута) само ја одложи лошата вест за Холанѓаните, кои за пласман во баражот се соочуваат со невозможна мисија, не само да ја победат Шведска во последното коло, туку и тоа да го сторат со најмалку седум гола разлика.

Франција останува на првата позиција во таа група откако „триколорите“ славеа со 0-1 на гостувањето во Бугарија (стрелец беше Матуиди во 3. минута), па сега за директен пласман на СП на избраниците на Дешамп неопходна им е само уште победа во последното коло, на домашен терен против Белорусија.

Грција направи огромен чекор напред кон баражот победувајќи го Кипар на гостински терен со 1-2, па нашиот јужен сосед сега за осигурување на втората позиција ќе има лесна задача – во последното коло во Атина да го совлада Гибралтар.

Португалија неочекувано тешко славеше на гостувањето против Андора со 0-2. Селекторот Сантош сакаше да го одмори Кристијано Роналдо, но по слабото прво полуврее асот на Реал Мадрид влезе во игра во вториот дел и го постигна голот за победа. Конечните 0-2 во самиот финиш ги постави Адриен Силва, но за директен пласман на СП Португалците ќе мора да слават на домашен терен во последното коло против Швајцарија, селекцијата која има максимални 27 бода по првите девет кола (Португалија има 24, но и подобра гол-разлика).

Се вчитува...