Хрватите се мајтапат со Бруно Акраповиќ: Го испадна Сплит и сега може да работи во Барселона

Очигледно неславно заврши епизодота на поранешниот тренер на Шкендија, Бруно Акраповиќ и во хрватскиот прволигаш Сплит кој од следната сезона се сели во Втората лига по синоќешниот пораз од Осијек.

А, како што пренесуваат хрватските медиуми на Акраповиќ му биле сите виновни за испаѓањето, освен тој самиот. Најпрво, по вчерашниот меч, го навредувал спикерот на стадионот во Сплит, па со рафали се впуштил против фудбалерите и на крај против раководството на тимот.

„Бевме подобри од Осијек се до моментот додека тој некој е… спикер не објави дека Цибалија израмнила“ – рекол Акраповиќ, а откако му кажале дека тој „е… спикер“ е тука во просторијата само дофрлил дека останува на своите зборови и дека би можел да му го промени „личниот изглед“.

Потоа, „простакот од Сплит“, како што го опишуваат Акраповиќ хрватските медиуми, се насочил кон играчите.

„Секоја им чест на оние шест фудбалери кои измислија повреди, знаат добро кои се тие кои ги оставија на цедило останатите соиграчи. А, за раководството што да кажам. Бев на раб на нерви да го отерам во п…. м…….. Па каде е таа финансиска инјекција? Не примате плата а мора да работите. Сега одам радосен во Германија да се видам со семејството. Мојата вина за испаѓањето на Сплит е нула“ – рекол Акраповиќ.

На што од хрватските „24 часа“ дополнуваат: „На самобендисаниот Акраповиќ по ова еве му шанса да ја преземе Барселона, бидејќи Луис Енрике заминува… Таму платата е редовна“.

Се вчитува...