Хрватска ја реши Норвешка и остана во живот за полуфинале

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Хрватска го положи првиот испит, триумфирајќи над Норвешка со резултат 32-28, со што домаќинот на ЕП 2018 си ги задржа шансите за пласман во полуфиналето од овој шампионат. Сепак, патот до најдобрите четири селекции не е нималку лесен, бидејќи на избраниците на Лино Червар им претстои тежок предизвик, да ја совладаат Франција со најмалку три гола разлика, или да слават со помала разлика, но тогаш Шведска да не ја победи Норвешка во скандинавската пресметка во последното коло.

Свесни препуштајќи им ја фаворитската улога на Норвежаните, хрватските ракометаи одиграа одличен натпревар и сосема заслужено стигнаа до победата. „Коцкестите“ доминираа од самиот почеток, во првото полувреме имаа и предност од четири гола (9-5, 10-6), но сепак на одмор заминаа само со „плус два“ (17-15) со голот од пенал на Хорват во последната секунда.

Се што успеаја норвешките ракометари да сторат во второто полувреме беше намалувањето до еден гол разлика (20-19), за потоа избраниците на Червар одново да ја преземат контролата. Крај на сите надежи беше голот од контранапад на Штрлек, по украдена топка во ситуација кога Хрватска имаше двајца играчи помалку на теренот, за водство од 29-24 што потоа Хрватите лесно го контролираа до самиот крај, за конечни 32-28.

Штрлек со шест и Циндриќ со пет постигнати погодоци беа најзаслужни за големата победа, заедно со голманот Стевановиќ кој имаше 14 успешни интервенции.

Се вчитува...