Хрватски „Телеспорт“: Самсоненко си оди од Вардар поради отворените истраги!

Сосема очекувано и поголемиот дел од балканските медиуми изминатиов период со интерес ја следат приказната околу најавите за повлекувањето на спонзорот на Вардар, Сергеј Самсоненко од трите клуба. И за поголемиот дел од македонската спортска јавност смешно беше соопштението од Самсоненко со кое заминувањето го темелеше на револтот поради критиките од навивачите, симпатизерите на Вардар и јавноста за „распродажбата на стадионот“ пред дуелот со Фенербахче. Вистината е веројатно сосема поинака а „клопчето околу неа“ допрва ќе се размотува. Но. хрватскиот „Телеспорт“ пренесува своја анализа и информации, досега не објавени во македонската јавност, барем не отворено – медиумски наспроти бројните шпекулации и „шушкања“, околу причините за заминувањето на Самсоненко…

„Во есента 2006 Сергеј Самсоненко се пресели во Македонија. Наизглед со ништо не предизвикан, рускиот олигарх се одлучи да го замени родниот Ростов со многу потоплото Скопје. Но, промената на местото на живеење не беше инспирирана со желбата за потопли краишта. Самсоненко во Русија беше под голем притисок на државата поради сомнение во даночни и финансиски малверзации. Реално работел што и останатите олигарси работат, само што бил прилично мала риба и со тоа погодна инситуциите да се покажат одговорни и исполнителни. Во Македонија се пресели само неколку месеци откако на изборите победи ВМРО ДПМНЕ, партија која ја води Никола Груевски. Потоа Самсоненко поддржа и кампања на оваа партија“ – пишува „Телеспорт“ и дополнува:

„Во Русија главниот извор на Самсоненко беше големата мрежа обложувалници Бет Сити. Знаејќи колку спортот на луѓето им е важен се одлучил да им се доближи на новите сограѓани со тоа што ќе финансира клуб. Нема подобар начин да ја испегла својата слика во јавноста и да го набилда угледот на мецена кој вложува во заедницата во која дошол. Неговиот избор во најмала рака – скромен. Одбра да вложува во женскиот ракометен клуб Вардар, знаејќи дека вложувањата тука се прилично мали, во женскиот ракомет во кој најдобри ракометарки може да се донесат за смешни пари. Но, како е тоа руски сопственик а да не е малку ексцентричен…? Во женскиот клуб си ротираше тренери како ќе му падне на памет. Можности доби и Ирина Дибиров без ден тренерски стаж, а префрлаше и тренери од машкиот во женскиот погон, и обратно. Впрочем, и самиот водеше тимови – и машки и женски“.

Telesport print 1

За „Телеспорт“ е интересен и моментот околу самото водење на ракометните клубови на Самсоненко како тренер.

„На самите почетоци на вардаровата приказна и самиот беше тренер. Една од тие негови ескепади беше и на гостувањето во ‘Арена’ во Загреб кога Борис Дворшек од клупата на Загреб со неверување гледаше што вика човекот од чии довикувања и команди кон тимот беше јасно дека не ги знае сите правила на спортот кој го тренира. Но, и зошто би ги знаел. Со ракомет никогаш не се занимавал. Со тој спорт претходно никогаш нема никаков чесен допир, освен што од промашените облози му капеа пари на сметка“.

Telesport print 2

А, потоа сопствеништво и над ФК Вардар…

„Во 2014 го купи и најтрофејниот македонски клуб за смешна цифра од 81.000 евра, што беше доволно да стане апсолутен сопственик. Но немаше тука ветени големи купувања… Затоа имаше богати спонзорства од градски и државни компании, како и повластено користење на градскиот и националниот стадион. Се потсетуваше на тоа и кога РК Вардар го пресели од Кале во новата арена „Јане Сандански“ под кринката на јавно-приватно партнерство и концесиите кои неговата фирма Бет Сити Балкан ги добивала на 35 години без билокакви инфраструктурни и економски обврски назначени во договорите“ – пишува меѓу другото хрватскиот медиуми потенцирајќи:

„Па не дошол Самсоненко во Македонија поради сонцето кое вечно сјае. Поентата остана иста од римските денови – леб и игри. Но, Самсоненко знаел дека ако игрите бидат доволно добри народот нема да бара леб“.

„И, ова лето навреден од критиките од јавноста по високата цена на билетите за натпреварот со Фенербахче, Самсоненко се одлучи преку писмо да соопшти дека се повлекува од Вардар. Вистината, секако е сосема поинаква. Со омозвожувањето на гостинските навивачи да ја заземат јужната трибина, целта беше да се предизвика реакција на која тој ќе има причина да подигне нос и да ги собере коферите. А, во позадина на сето тоа е причината на неговото доаѓање во есента 2006. По годините на кои на власт беа ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски се случи и смена и новиот премиер Зоран Заев почна да ја истражува позадината на бизнисот на Самсоненко во Македонија. Практично секој ден се собира и објавува обемна документација која упатува на судир на интереси, корупција, малверзации, затајување данок, па дури и перење пари преку оф-шор компании со помош на кои работеа неговите обложувалници, но и самите клубови. Клопчето почна да се одмотува и Сергеј Самсоненко се најде во слична ситуација како пред 11 години во Русија“ – вели „Телеспорт“ со завршна констатација:

„Но, од смешната приказна за навреденоста од критиките поради изненадувачкото зголемување на цената на билетите и давањето на навивачката трибина на гостите се крие последен обид да го искористи тоа што луѓето го сакаат спортот и ги повика на помош поради медиумската харанга. Звучи познато? Само што никој не доаѓа на помош. На луѓето им е јасно дека за изненадното и драстично заминување од македонскиот спорт не се виновни критиките на јавноста, туку промената на власта и отворањето истраги. Секако, ако баш не верувате во низа случајности“ – пишува меѓу другото „Телеспорт“.

Комплетниот текст може да го прочитате на следниот ЛИНК.

Се вчитува...