Македонската планинарка во Грција е полесно повредена и во добра здравствена состојба

Околу шест часа траеше акцијата за извлекување на планинарка од Македонија, која на симнување од врвот Стефани на грчката планина Олимп се лизнала и според првичните информации, е полесно повредена.

Од местото на несреќата, пренесена е во најблискиот планинарски дом „Јоргос Апостолидис“, каде што е згрижена се наоѓа во добра состојба и се чека околу 22.30 хеликоптер Супер пума на грчкото Воено воздухопловство да ја пренесе девојката во болница во градот Лариса.

Двајцата пријатели на Елена, со кои заминала на планирање на Олимп, во изјава за МИА нагласија дека таа е добра има мала повреда на ребрата. Тие се наоѓаат во планинарскиот дом каде има медицинско лице, а каде се во очекување на хеликоптерот. 

„Елена е добра. Пие врел чај со мед и се смее. Имаме медицинско лице овде. Функциите се стабилни и има само мала повреда на ребрата. Едно или две најверојатно се скршени, меѓутоа функциите се стабилни. На почетокот додека да се стабилизира, дишеше кислород од боца, меѓутоа сега се е во ред“, изјави Горан Николовски, пријателот на девојката за МИА и додава дека имале голема помош од околу 20-на лица во напорите за извлекување и пренесување на повредената.

Александар Кирковски, бил заедно со девојката кога се случила несреќата. Се искачиле на врвот Стефани на 2.909 метри. Се било во ред, одлично се движеле, условите во главно биле добри, а Елена паднала при спуштањето од врвот околу 10 часот утрово.

„Речиси пред да дојдеме на самата патека која што е безбедна, на Елена и се лизна едната нога и продолжи да се движи надолу по снежната падина што е со некоја умерена стрмнина. Се обиде да застане, но не успеа и се лизна околу 100 метри висински, а должински околу 170 метри. Ја немав во видно поле, се спуштив до неа и на самото место видов дека се чувствува добро, дека е компатибилна и дека нема крвавење или видлива повреда. Имаше само болка странично, веројатно проблем со некое ребро, пукнато или нешто слично“, раскажа за МИА пријателот на девојката.

Mобилниот не работел за да повика помош, па откако и помогнал да остане во статична позиција и да не се лизне дополнително, и дал вода и таблета за болка и истрчал до најблискиот дом за да побара помош.

„Се вративме екипа од шест-седум лица, сите беа Грци и се спуштивме до неа, направивме систем за извлекување и целото извлекување траеше пет-шест часа“, вели за МИА Александар Кирковски.

Се вчитува...