И Албанците со реакција: На „Младост“ нема безбедност!

По натпреварот од 2. квалификациско коло за ЛШ меѓу Вардар и Малме кој посочи многу недостатоци од организациски и безбедносен аспект, сега веќе е неизвесно колку УЕФА ќе дозволи одигрување на квалификацискиот натпревар меѓу Македонија и Албанија на стадионот „Младост“ во Струмица.

Претходно од УЕФА испратија позитивни сигнали околу одигрување на дуелот во Струмица, само поради намалување на безбедносниот ризик околу целокупниот натпревар. Од ФФМ веќе се активирани сите расположиви сили до септември да се справат со сите објективни маани, но натпреварот меѓу Вардар и Малме и пред набљудувачите на УЕФА отворено посочи за бројни безбедносни недостатоци кои носат сериозен ризик.

Со нова реакција се огласија и од Албанската фудбалска федерација кои потенцираат дека УЕФА се уште не ја донела конечната одлука каде ќе се игра натпреварот, и се надеваат дека сепак тоа нема да биде стадионот во Струмица кој, според нив, не нуди ниту минимални безбедносни услови.

„Ние и претходно го дадовме нашето мислење, спротиставувајќи се на размислувањето натпреварот да се игра во Струмица, каде нема ниту најмали технички услови за такво нешто. Се уште нема официјална одлука дека мечот ќе се игра во Струмица. Но, ако УЕФА одлучи да биде така, тогаш УЕФА ќе ги прекрши своите правила. Ние веруваме дека натпреварот не треба да се игра таму. Сигурен сум дека тој стадион не нуди безбедност за играчите, за нас и за нашите навивачи…“ – вели претседателот на Албанската фудбалска федерација, Армандо Дука.

Се вчитува...