И Лацио и Шалке во трката по Алиоски

Езгјан Алиоски летово дефинитивно ќе си замине од Лугано, а единствената дилема е во кој клуб талентираниот офанзивен фудбалер ќе ја продолжи својата кариера. Понуди доаѓаат од клубови од различни делови на Европа, а за квалитетите на Алиоски доволно говори фактот дека во трката за негов ангажман се вклучија и Лацио и Шалке, тимови со богата традиција во Серија А и во Бундес-лигата.

Директорот на Лацио, Игли Таре, смета дека брзоногиот Алиоски може да донесе дополнителен квалитет во играта во напад на римскиот клуб. Фактот дека тој е достапен за отштета од околу 2,5 милиони евра го прави македонскиот репрезентативец многу интересен за „лацијалите“, кои според италијанските медиуми во наредниот период ќе ги интензивираат преговорите со Лугано за комплетирање на овој трансфер.

На Алиоски како на сериозно засилување гледаат и во Шалке, особено откако клубот од Гелзенкирхен најави заминување на Украинецот Конопљанка. Раководството на германскиот прволигаш се уште нема испратено официјална понуда, но „сините“ во следниот период најавуваат дека ќе ги интензивираат преговорите за неколку засилувања, меѓу нив и Алиоски.

Само за потсетување, претходно интерес за македонскиот интернационалец искажаа и Хал, Херта, Штутгарт, Аталанта и уште неколку екипи ширум Европа.

Се вчитува...