И официјално 15 клуба со барање за Вонредно Собрание на ПФМ

По денешната прес-конференција на претседателот на ПФМ, Александар Маленко преку соопштение до јавноста се огласија 15 пливачки клубови од Македонија кои наведуваат дека до Пливачката федерација на Македонија и официјално е испратено барање за Вонредно Собрание на ПФМ.

Од Иницијативниот одбор за Вонредно собрание преку своето соопштение информираат за причините за ваквиот чекор со цел средување на состојбите во македонското пливање.

Соопштението од Иницијативниот одбор за Вонредно собрание на ПФМ ви го пренесуваме во целост:

Почитувани,

Ја информираме јавноста во врска со одржаниот прес на Александар Маленко, Владимир Пејковски и Томи Стефановски, дека реформите во ПФМ кои треба да обезбедат дисконтинуитет на лошото десетгодишно работење кое го уназади спортот до степен на нефукционално постоење, нема да застанат.

Во тој правец е организиран иницијативен одбор кој има за цел:

⁃ да го испочитува Законот за спорт, Законот за здруженија и фондации и препораките на АМС за одржување на легитимно Вонредно собрание на Пливачката федерација на Македонија за да не се одземе решението за вршење на дејност спорт,
⁃ за да не се укине пливањето во Македонија и да се овозможи упис во Централниот регистер на Македонија
⁃ да се одржи Вонредно собрание на кое ќе се повикаат сите пливачки клубови, спортски работници и граѓани, заинтересирани за пливачкиот спорт

Факти:
⁃ на досегашните Собранија не се поканети да учествуваат сите пливачки клубови
⁃ на сите Собранија не се поднесени ниту усвоени финансиски извештаи ниту Годишни завршни сметки
⁃ сметката на федерацијата е блокирана заради долгот од 18.000.000 ( милиони) денари
⁃ во врска со кажаното дека ПФМ не е информирана за барањето на Иницијативниот одбор за одржување на Вонредно собрание на ПФМ, ја информираме јавноста дека истото е пратено на 02.02.2018 година на официјалната адреса на ПФМ, а не на приватна адреса на приватна фирма со приватен телефон и меил, која пак фигурира во ФИНА и ЛЕН

Се надеваме дека во интерес на пливачкиот спорт, Вонредното собрание на ПФМ ќе се одржи во законски рок, почитувајќи ги позитивните законски прописи и почитувајќи ги меѓународните пливачки асоцијации.

ОД ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ВОНРЕДНО СОБРАНИЕ НА ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Се вчитува...