И со пола сили до „девет гола“ за Ангола

 Македонија ја забележа и втората победа во рамките од групата Б од Светското Првенство во Франција, откако вечерва славеше над Ангола со резултат 31-22. Триумфот е сосема очекуван, а на „црвено-жолтите“ им беа потребни дваесетина минути за да го скршат отпорот на аутсајдерот во групата. Целта е остварена, прокнижени се нови бодови, а раното убедливо водство овозможи и да се „поштедат“ дел од најдобрите играчи, кои добија заслужен одмор во второто полувреме.

За разлика од дуелот со Тунис, овојпат стартувавме со „шест на шест“, но првиот напад не го искористивме откако Георгиевски ја погоди гредата при обидот да го лобува голманот Муачесенгуе. Чуварот на мрежата на Ангола блесна една минута подоцна, кога го одбрани зицерот од контранапад на Дејан Манасков.

Ангола седум минути беше без постигнат гол, но проблемот беше што и Македонија погоди само еднаш, од пенал преку Кире Лазаров. Колев одлично го почна натпреварот на голот на „црвено-жолтите“, па противникот првиот гол го постигна на истекот од осмата минута. Проработе и нашиот напад, поведовме со 4-1, но Ангола постигна два гола во низа и во 13. Минута намали на 4-3. Следеше нов период на грешки во нашиот напад, по што Ангола во 18. Минута израмни на 5-5, а Лино Червар побара тајмаут.

По тајмаутот Ојлевски и Талески ги заменија Манасков и Нелоски, а почнавме да играме и „седум на шест“ во нападот. Во нападот реализиравме полесно, но сега пана ритамот во одбрана, па на осум минути до крајот на полувремето резултатот се уште беше израмнет (8-8). Лазаров погоди четири пенали, но и ги разигра соиграчите, па по неговите асистенции Гоце Георгиевски два пати во низа за водство од 12-9. Ангола зеде тајмаут, но не смени премногу, следниот напад повторно го реализираше Георгиевски, па на одмор заминавме со пет гола предност (14-9).

DSC_5842

Второто полувреме го почнавме премногу опуштено, па по две загубени топки Ангола реализираше во празна мрежа. Противникот намали и на 14-12, пред Стоилов конечно да ја запре серијата на Анголците. Седум-осум минути беа доволни за консолидација, па експресно се вративме во ритам и стигнавме до водство од 19-13. Остатокот од средбата беше рутина, Червар им даде шанса на дел од „резервистите“, па така меѓу стрелците се запишаа и Поповски, Митков и Филип Лазаров, а шанса во нападот доби и Дрогришки заедно со Ојлевски.  Во 52. минута за првпат поведовме со десет гола разлика, со десеттиот погодок на капитенот Кире Лазаров (25-15).

Трајковски, кој во меѓувреме влезе во игра на местото на Колев, ги крена македонските фанови на нозе постигнувајќи два погодоци од сопствениот шестерец, по што остатокот од мечот мина во рутинска игра на двете страни, за конечни „плус девет“ за Македонија.

Кире Лазаров беше најефикасен со десет погодоци, пред Георгиевски со пет и Филип Лазаров со три гола. Колев го заврши мечот со девет интервенции, додека Трајковски имаше две одбранети топки на оваа средба.

Македонија утре е слободна, но би можела веќе во утрешниот ден да го осигура пласманот во осминафиналето доколку Исланд во меѓусебната пресметка го совлада Тунис. Во тој случај, преостанатите три средби со Словенија, Шпанија и Исланд би биле дуели во кои „црвено-жолтите“ би се бореле за што подобар пласман во групата и избегнување на Франција во следната рунда, со оглед на фактот дека „триколорите“ се суперфаворити за да го освојат првото место во групата.

Се вчитува...