Илиоски со вицешампионската титула на Источно-европскиот шампионат за 2014! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
26/02/2017 19:03
Ракомет
26/02/2017 17:02
Фудбал
26/02/2017 16:24
Фудбал
26/02/2017 15:59

Илиоски со вицешампионската титула на Источно-европскиот шампионат за 2014!

Христијан Илиоски – Кико ја освои вицешампионската титула Источно Европскиот шампионат во мотокрос за 2014 година. Од нашите натпреварувачи, по соопштувањето на официјалните резултати од страна на Балканската унија, Борче Костов – Жолт во неговата класа го освои третото место.

Во сезоната во мотокрос годинава беа планирани вкупно 10 рунди (20 трки), но поради откажувањето на неколку трки, на крајот од сезоната возачите имаа прилика да си ги одмерат силите на вкупно 15 трки. Долгата сезона која започна со трката во Серес на 23-ти март требаше да заврши на 19-ти овој месец во Молдавија, но таа рунда беше одложена па последна трка за 2014 е трката која се возеше на патеката Лагово крај Прилеп. Натпреварувачите имаа прилика да возат на патеките во Србија, Грција, Турција, Романија, Босна, Бугарија и секако Македонија.

Во најсилната класа МХ1 нашиот најдобар кросист Христијан Илиоски – Кико ја заврши сезоната на втората позиција. Кико дојде до огромниот успех благодарение на неговиот талент, а со многу пречки и пред се без финансиска поддршка. Во неговата класа со предност од 22 бода шампионската титула ја зема Адриан Радута од Романија, зад кој стои професионален тим со сета поддршка која му е потребна на еден возач. Успехот на крајот од сезоната можеше да биде поголем доколку Кико ја имаше поддршката која му е потребна. Секако треба да се спомене и трката во Романија која беше одложена иако Илиоски постави рекорд на патеката на квалификациите и имаше најдобро време, потоа одложена беше трката во Гевгелија на која се очекуваа победи на Илиоски. На крајот од сезоната со 4 победи, 4 втори места и 4 трети места заслужено го доби епитетот вицешампион на Источна Европа во мотокрос. Се надеваме дека надлежните конечно ќе го увидат талентот на Илиоски и ќе застанат зад него со сета сила, со цел тој да го покаже својот целосен потенцијал, а Македонија да се искачи на врвот на Европскиот мотокрос.

Во класата МХ1 настапуваше и нашиот Гоце Томовски кој на крајот од сезоната го освои 8-то место, во конкуренција од вкупно 47 возачи. Благодарение на трката во Прилеп во листата на ИЕШ во мотокрос се запиша и Ангел Ристов кој со 30 освоени бодови се најде на 21-та позиција.

Во класата МХ2 Македонија имаше пет претставници: Христиан Станкович, Михаил Бајовски, Драган Ванов, Виктор Иванович и Јове Иванов. Најдобар успех забележа Станкович кој со 44 бодови се искачи на 20-та позиција во конкуренција од 56 возачи. Во класата МХ2 Јуниор се бодуваа Виктор Иванович и Христијан Станкович, Иванович на крајот беше 10-ти со 87 бодови на своето конто.

Кај јуниорите во класата МХ85 Адријан Ристески имаше настап само на 3 трки заради проблеми со моторот и на крајот од сезоната се најде на 22-та позиција во конкуренција од 46 возачи.

Кај ветераните пак, Борче Костов – Жолт имаше одлична сезона. Тој во конкуренција на 35 возачи го освои фантастичното 3 место! Константоста на сите 17 трки кои ги возеше Костов му го донесе најголемиот успех на меѓународна сцена на 49 годишниот возач. Костов е пример за сите помлади генерации, а на успехот кој го забележа годинава може секој да му позавиди.

Се надеваме дека Жолтиот и следната сезона ќе ги продолжи настапите на меѓународна сцена, и дека повторно ќе и донесе бодови на Македонија која како репрезентација на крајот од сезоната го освои четвртото место. Зад Македонија се најдоа тимовите на Грција, Турција и Молдавија, а првите три места им припаднаа на Бугарија, Романија и Србија.

Во МХ класата (поранешна МХ3) Македонија беше претставувана од: Борче Костов, Петрос Танусис, Слободан Ивчески – Цобо, Васко Киров и Хамит Џеладини. И во оваа класа Костов имаше најдобар успех пласирајќи се на 8-та позиција, Петрос ја заврши сезоната на 9-та, а Ивчески на 26-та во конкуренција на 100 возачи.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.