(ИН)ДИРЕКТ: Алелуја, ФИФА ќе гарантира плати за фудбалот во Македонија?! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Фудбал
19/11/2017 21:29
Кошарка
19/11/2017 20:35
Фудбал
19/11/2017 19:59
Фудбал
19/11/2017 19:09

(ИН)ДИРЕКТ: Алелуја, ФИФА ќе гарантира плати за фудбалот во Македонија?!

Никола Ѓуровски

Дваесет и кусур години пишувам за македонскиот фудбал напатен, и најмногу од се, за жал, се сеќавам како фудбалерите од нашите прволигаши плачат, дека не земале плата.

Имало и неверојатни случки. Седам јас во канцеларијата на Вардар, а еден поранешен „технико“ му вели на наш прославен репрезентативец, сега и во стручниот штаб на клубот… „Ако не играш, ќе ти го земам и станот што ти го имам дадено“. А нему, нели, му се должат плати…Станот си го исплатил, односно заработил, со неколкугодишно играње за клубот, како дел од ратите за четиригодишен договор.

Ако напишам, немам потврда, затоа што ниту тој на кого му должат не сака да потврди (се плаши – најчеста особина кај македонските спортисти), а, секако, и клубот официјално ќе каже дека „новинарите се криви за се“…

И така, сите сме биле сведоци на милион мачни сцени, дека фудбалери немаат ниту што да јадат, ниту каде да спијат (куферите им биле носени на тренинг од газдите на становите каде биле кирајџии) ама со тек на времето, се помируваш со ситуацијата и си велиш…е, па, и пола Македонија не добива плата навремено, па, сега, што да правиме?! Не се фудбалериве „повластени“, нели…

Ете, и по цели 25 години од формирањето на лигата, во 2017 година, фудбалерите на ФК Пелистер си седнаа на тревата среде меч, јавно да покажат дека им се должат плати. И да се само тие…и да е само сега…

Pelisterci sedat

Вчера од Куќата на светскиот фудбал, ФИФА, дојде просветление. Претседателот Џани Инфантино потпиша договор со ФИФПро (Асоцијацијата на професионални фудбалери), во која пристапен член е и Синдикатот на фудбалери во Македонија, дека Светската организација ќе гарантира плати во светот на фудбалот. Поточно, дека ќе толерира доцнење на платите од најмногу два месеци.

Не знам дали имало многу пиење синоќа од нашиве фудбалски мајстори, со оглед дека и не се трудат многу да се сокријат…нели, за да прослават за новава мерка, ама дефинитивно треба да го просветли македонскиов фудбал.

И, да не бидам песимист, ама навистина не знам како ФИФА ќе успее да ги натера нашиве заостанати фудбалски клубови, како од 19.век, да почнат да работат според сите прописи на ФИФА. Затоа што, нели, ниту еден клуб нема свој сопствен стадион, не вложуваат ниту денар за да ги подобрат условите таму каде што им дозолуваат да играат (на општински стадиони), ниту пак имаат пари за тоа, со оглед дека најголемиот дел од нив функционираат од општински буџет. Чест за исклучоците, малку се, ама и тие должат, и тоа многу…Да, и тие што ние кај нас ги дефинираме како најголеми – демек, гиганти.

Дај Боже да успее, само така и кај нас малку ќе „пркне“ овој домашен фудбал, а и најголем дел од фудбалерите нема да бидат како социјални случаи. Не ги гледајте оние што возат „масерати“ или „џип“, тие не ги заработиле парите во македонските клубови, туку на печалба во странство. Велам, ќе биде тоа просветление, силно ќе светне ден и на нашиве фудбалски терени. Ако успее.

Само не знам, искрено, дали ќе успее…Зашто „казната“ на ФИФА е забрана за трансфери во наредните два преодни рока, за клубот што не може да подели плати….Арно ама, тие од ФИФА изгледа не знаат како се игра фудбалот во Македонија. Речиси и да нема трансфери, се е со слободни документи, а и платата е потоа – на жими мајка. Ако ја добиеш, тоа ти е џек-пот. Е, па, сега…

Страв ми е дека клубот баш и ќе нема што да загуби, ако го казнат да нема трансфери наредните две години. Оти, ако нема пари да подели плати за фудбалерите што му играат оваа сезона, како ли ќе најде за трансфери за наредната?!

Да се обидеме и со втората солуција, фудбалерот ќе добие автоматски раскин на договорот. Па, да, ама каде ќе оди?! Во друг клуб што исто така должи…?! Македонија е ова, така е и со некои фирми, нели…Работници, работете два – три месеци, ќе ви должиме, па после други ќе вработиме, па на тие ќе им должиме…и така…

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.