(ИН)ДИРЕКТ: Не е фудбалот ФИФА - листа, туку ќеиф што не знаеме да го уживаме - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Коментари
20/11/2017 12:12
Кошарка
20/11/2017 11:26
Кошарка
20/11/2017 10:23
Фудбал
19/11/2017 21:29

(ИН)ДИРЕКТ: Не е фудбалот ФИФА – листа, туку ќеиф што не знаеме да го уживаме

Никола Ѓуровски

Пред десетина дена, а и се уште, се до новото издание, Македонија беше ‘тапа’ на листата на ФИФА. И ништо не чинеше, се фрлаа дрвја и камења по македонските фудбалски репрезентативци, се негираше нивниот квалитет, на социјалните мрежи се редеа слики од дрвореди како асоцијација за нашиот национален тим. Бедно и жално.

Дојде мечот со Лихтенштајн, блесна Несторовски, победивме со 0-3, прв триумф во квалификациите. Четири дена подоцна ни дојде Белорусија на гости, блесна Гранде Пандев, пак победивме со 3-0 и…одеднаш, ‘расцветаа дрвата’, сега се мајстори и знаат да играат. И да победуваат. А, всушност…исти се од претходно, и Пандев, Несторовски, Џани Алиоски, Дарко Велковски, Бобан Николов…Столе Димитриевски.

А ден подоцна, односно денеска, повторно сите…на кое место ќе сме биле сега на листата на ФИФА. Разберете, не е тоа суштината на фудбалот. Најважната споредна работа на светот треба да биде радост за државата, на стадион да се покажува патриотизмот, да се навива за својот национален тим.

IMG_5593

За мене, не сме ние 160-ти и кусур во светот, или сега ако ‘пркнеме’ 30-ина места 130-ти, туку сме меѓу последните нации што знаат да уживаат во фудбалот и да си направат ќеиф кога фудбалската репрезентација им игра на домашен терен.

Во еден Лихтенштајн, земјиче од 30.000 жители, на стадион има 3.500 гледачи. Во ред, имаше таму во главнина и македонски навивачи. Но, жално е што ги нема во Скопје, а имаме прекрасен стадион што собира 36.000 и доби организација на Суперкуп на Европа.

Не е фудбалот (пр)оценка колку се силни твоите, за да дојдеш да ги гледаш. Фудбалот е ќеиф да навиваш за твоите и кога победуваат и губат. Фудбалот е израз за националната припадност, можност да се почувствуваш горд без разлика на резултатите. Тие се минливи, вчера си губел, денеска победуваш. Но, фудбалерите се наши репрезенти во светот, носејќи го дресот со националниот грб. Исто како и ракометарите, кошаркарите, каратистите…Тие сите се Македонија, но потребни сме им и ние, за да бидеме посилни.

Тргнете ја еднаш од глава таа ФИФА – листа. Не е селекцијата на Сент Винсент, или на Косово, или на Малдивите, подобра од Македонија. Ако тоа е така прикажано таму. Стани – падни секогаш ќе има, најважното е сите ние да уживаме во фудбалот и да навиваме за Македонија. А, за жал, драги мои, најголем дел од Вас – не навивате! Ве нема на стадион…

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.