(ИН)ДИРЕКТ: Од секое свирче - оркестар не бива! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
17/11/2017 20:24
Фудбал
17/11/2017 15:37
Ракомет
17/11/2017 12:37
Кошарка
17/11/2017 9:55

(ИН)ДИРЕКТ: Од секое свирче – оркестар не бива!

Никола Ѓуровски

На одмор сум…и додека го ловам вај-фајот по хотелов одеднаш ми излегува “Музо Ејупи нема да игра за репрезентацијата”…Аууу…се потресов. Ладна пот ме обли, морав да се фрлам во базенот, да се вратам во нормала.

Татко ми велеше од секоја шупелка не бива свирче. А јас надополнувам, ни со секое свирче не се прави оркестар. Па така и Музафер Ејупи, фудбалерот на Осијек, кој претходно играше и за Славен Белупо, и што е чесно, беше резерва или нестандарден првотимец во неколку наши клубови, реши да не игра за репрезентацијата. Се додека селектор е Игор Ангеловски, кој патем е досега и единствениот што го повикал – и тоа еднаш!

Не знам што им е на овие наши играчи, што се уште се многу далеку да бидат фудбалери (таков епитет добиваат оние кои играат во врвни европски клубови), ама кога ќе видат некоја паричка мислат дека го фатиле Господ за м… И ете така, овој што еднаш го викнале, мисли дека веќе не треба да доаѓа. Давал голови за Осијек. Тоа е инаку многу јак клуб од Хрватска. И сега навистина нацијава е потресена.

Да се вратам кај шупелките, свирчињата и оркестарот. Можеби такви ни се диригентите, уште повеќе свирчињата, ама нашиов фудбалски оркестар не “штима” веќе 25 години. Еднаш ќе свирнеме – сто пати ќе ни го свирнат. Ете затоа што си имаме работа со такви што мислат дека се фудбалери, а играат во Осијек и слични клупчиња.

Значи, можат сите останати да се лутат колку сакаат…ама само двајца играчи досега имаале право да се дрзнат поради своето реноме и настапи во Европа, да се осмелат да кажат нешто вакво – дека не сакаат да играат за репрезентација “зошто не им се свиѓаат штуцните”, и никој повеќе. Тоа се Дарко Панчев и Горан Пандев. Само тие досега со полно право заслужиле да ги наречеме фудбалери од екстра класа. Има и дел од постарата гарда, сега веќе луѓе во години, што ние милуваме да ги нарекуваме легенди, кои сепак се за респект.

Сите останати, оние што играат од Казахстан, преку Кипар, па се до Индонезија, тоа треба да молчи зошто спаѓа во категорија – шупелка. Има еден мал дел од нив што можат да бидат искористени и како свирчиња, ама нив ги избира селекторот и ете колку добро знаат да свират, досега се покажало низ овие 25 години.

Многу е ова писание за играч како Музо Ејупи, но повеќе е како наравоучение за сите други. Знам дека кога ќе видите некое евро повеќе од оние 200-300 во македонската лига мислите дека сте “роналдовци”, но така не одат работите во Европа. И ако сте играле или дале два гола во Лига Европа, не значи дека сте станале европски фудбалери.

Се надевам дека шупелките нема да се лутат, дека барем свирчиња ќе имаме малку повеќе и дека оркестарот што секогаш “чкрипи”, барем малку ќе почне да свири и за уво, а не само за око…Оти токму затоа шупелките многу си земаат за право!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.