(ИН)ДИРЕКТ: Сите на Дисциплинска! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
21/10/2017 19:15
Ракомет
21/10/2017 18:28
Коментари
20/10/2017 19:35
Фудбал
19/10/2017 21:31

(ИН)ДИРЕКТ: Сите на Дисциплинска!

Никола Ѓуровски

Фудбал во Македонија… Сите „солат памет“, а никој ништо не работи. Сите нешто знаат, а никој ништо не направил. Значајно, нели…За да ја издигне Македонија во Европа.

Сите велат, 140-ти сме на листата на ФИФА, а не знаат дека и тие се во истата таа каша. И значајно придонеле за да се стигне до ова дереџе. Како ли само се осмелуваат да се самоамнестираат?!

Драган Томовски, еден од фронтмените на „Обединети за фудбалот“ му поднесе Дисциплинска пријава на претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски. И тоа ми даде повод за овој текст…Супер, ете начин како и јас сите нив да ги испратам на Дисциплинска…И тоа трајна, конечна, за сите свои „заслуги“ и минат труд – затоа што ниту по 25 години самостоен фудбал, кај нас не е направено речиси ништо. А сите тие богами добро профитирале!

Нема стадиони, нема клубови, нема публика, нема резултати на репрезентацијата, нема фудбалери…Мислам на ’асални’, не било какви. Нема ништо…! Има само луѓе, ептен самобендисани, желни за позиции, да приграбат ако може уште нешто, да бидат претседатели, комесари, делегати, селектори…Ама ако може и да не работат ништо. Или пак, на крајот, како и сите досега, да не сработат ништо. Не се гради фудбал со зборови, туку со работа!

Еве од мене по една „дисциплинска“ сега за сите нив…!

Дисциплинска за сите од актуелната структура во ФФМ затоа што Првата лига се игра на очајни стадиони, затоа што не успеаја да расчистат со некои фигури од минатото кои се уште ни се врткаат во фудбалот, затоа што ја загубивме вербата, затоа што немаме квалитетни фудбалери, судии, затоа што никој веќе не верува дека може да гледа домашен фудбал и да види квалитетен натпревар.

Дисциплинска за Хари, Ламбе, Ѕинго…затоа што речиси ништо не оставија во наследство, туку само стадиони нагризани од забот на времето, репрезентација со историја дека никогаш ништо позначајно не направила, клубови кои едвај живуркаат, и во Европа се вистински маргиналци.

Дисциплинска за Дарко Панчев затоа што не се појавил тој на фудбалски натпревар неколку години (можеби еднаш или двапати инцидентно), затоа што досега, еве веќе деценија и пол, па и две, со својот авторитет не застанал на чело на некој клуб, да видиме дека неговото европско име и презиме може да донесе и кај нас европски фудбал. И не само тој, туку и сите оние други наши „легенди“.

Дисциплинска за Драган Томовски. Претседател е на ФК Цементарница, клубот од некогашен прволигаш падна на маргините на општинските лиги, а тој лиферува соопштенија како да се подобри фудбалот во државата. Јасно е, фудбалот го прават клубовите, а неговиот клуб речиси и да не постои натпреварувачки на мапата.

Дисциплинска за Ангел Бунгуров, кој беше своевремено на чело на Судискиот комитет, сега критикува, а во негово време судиите беа уште повеќе критикувани отколку сега. Да не заборавил дека со него никако не може да биде подобро во нашиот фудбал.

Дисциплинска за екс-селекторите…Ѓоко Хаџиевски, Мирсад Јонуз, Никола Илиевски – Џиџи, Драган Канатларовски, Ѓоре Јовановски, Бошко Ѓуровски, Бобан Бабунски, Андон Дончевски (странците се исто толку одговорни, ама не се наши) затоа што и тие ништо значајно не направија во ниту еден досегашен циклус за Европско или за Светско првенство. Изјавите јас бев четврти, а не петти, односно претпоследен, а не последен, се само дополнителна потврда за очајот во нашиот фудбал. Со такви селектори, нема да одиме напред!

Дисциплинска за фудбалските репрезентативци (сегашни и минати)…Не е само да дојдеш и да се видиш со роднините и да си го кренеш рејтингот дека си репрезентативец, ако тоа се уште и има некаков голем рејтинг. Треба да одиграш, да победиш, да покажеш дека имаш квалитет, желба и карактер да ја претставуваш Македонија.

И на крајот…Дајте други ’деца’, затоа што сите овие досега покажаа дека се единствено – само за на Дисциплинска! „Cartellino Rosso“!!!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.