(ИН)ДИРЕКТ: Тешко на фудбалов... само со „советници“! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
21/10/2017 19:15
Ракомет
21/10/2017 18:28
Коментари
20/10/2017 19:35
Фудбал
19/10/2017 21:31

(ИН)ДИРЕКТ: Тешко на фудбалов… само со „советници“!

Никола Ѓуровски

Македонија на 23 март ќе игра пријателски меч против Словенија…против Сречко Катанец, нашиот некогашен селектор. Тој остави неколку добри поенти, кои се уште си ги прераскажуваме, а и тоа како важат за нашиов фудбал.

„Тешко на таа Бундес-лига, кога ве има вас за стопери“ знаеше да им каже во шега на тренинг Сречко, на Николче Новески, Александар Васоски и на Игор Митревски.

Ееее, ама сега дојде бетер (полошо). Тогаш барем имавме стопери во Бундес-лига. А, сега…Кипар, Австрија, Хрватска и Унгарија ни се најголемите достигнувања на репрезентативците од одбраната. Интернационалците играат во Индонезија, Малезија, Мјанмар, Тајланд…добро, и во Србија, Албанија…по некој и во Казахстан!

Тешко на тој селектор, или на таа репрезентација, што треба да избира од вакви фудбалери. Ама, тие се, наши се… Само што ние сакаме на Европско првенство…Да, ама и едно се желбите, а друго – можностите!

„То је то“, знаеше да си каже Сречко, „не забијамо“…Знам дека превод не ви треба, ама, сепак…„Тоа е тоа, не даваме голови“…А, без голови, нема победи, нема ниту радости. И тогаш бевме на 50 и некое место на ФИФА-листата, која сите ја земаме за некакво мерило за состојбата на нашиов фудбал.

Сега сме на 130 и некое…Не е само до нашите резултати, ФИФА го смени начинот на бодување и за Африканците, за Азијците, па сега демек сме исти според рангирањето во фудбалот, со земји што и не сме ги слушнале дека ги има на планетава. Ама, и гласовите од тие земји му требаа сега на Џани Инфантино, за да седне во фотелјата…Неисе, не сме толку лоши, одговорно ви тврдам. Само, и ништо не сме направиле за да се подобриме. А другите, сакале ние да признаеме или не, одат напред.

Се изредија неколку селектори, дојдоа и нови играчи. Новески веќе не игра, Васоски стана асистент – учител во ФК Вардар…На Гоце Седлоски, кој му беше капитен во репрезентацијата.

Сега во репрезентацијата има некои други момци. Млади, ама за жал, и не така квалитетни. Барем, кога се во прашање клубовите и лигите каде настапуваат…Дај Боже да „пркнат“ во иднина, па да се вратиме на некогашните позиции.

Се сеќавате на Величе Шумуликоски?! Уште игра стандардно, во Словачко…Пред некој ден и гол постигна…Беше еден од најстандардните во репрезентацијата, трчаше колку за тројца, се трудеше многу, а не го доби респектот кој навистина го заслужи. Да потсетам, играше своевремено во Зенит, клуб што редовно сега учествува во Лигата на шампионите. Многумина од вас, го споредуваа и со зимзелени растенија. За жал…и тие што ги има(в)ме, не знаеме да ги цениме.

Го има(в)ме и Пандев…и се радувам што повторно ќе го имаме во репрезентацијата…Освојувач на Лигата на шампионите. Најдобар фудбалер што Македонија го имала, заедно со Дарко Панчев. Без споредби, молам…

И него го свиркавте. Му пукна филмот, одлучи да не игра за националниот тим, се додека Игор Ангеловски, сегашниот селектор не го разубеди да се врати. Очекуваме тоа да се случи токму против Словенија, на 23.март.

И на крајот, повторно за Сречко…Кај нас е така, странците доаѓаат и ни кажуваат дека не не бива. Во се, не само во фудбалот.

Сречко имаше потполно право уште тогаш. Ние сакаме премногу, а работиме премалку. Силни сме на зборови, а не и на дела. Најлесно ни е да критикуваме, наместо да се зафатиме и да направиме. Сите сакаат во фотелја, а никој не сака да работи на терен. Сите сакаат да се селектори, и претседатели, а никој не сака всушност да работи фудбал.

Има ли друга земја на светов, фудбалска нели, што има желба да оди на Европско првенство, а ниту еден од досегашните селектори, во моментов не работи како тренер?! А сите „селекторуваат“ на телевизија, на дебати, на емисии, и гледаат како пак да се ’упикаат’ на столчето. Го гледаат како 5.000 – 7.000 евра! Месечно.

Е, да…знаете ли кој е претседател на ФА на Англија?! Сте прочитале како Гари Линекер или Теди Шерингам го критикуваат него? Англија, нели, одамна не била светски првак…ниту европски… Таму главниот збор го водат клубовите. Самите градат стадиони, имаат силна лига, купуваат квалитетни фудбалери, привлекуваат илјадници гледачи на трибините, уште повеќе крај ТВ екраните.

А, овде….сите сакаат да се Ѕинго, Ламбе, Хари, Илчо…да лапаат од фотелја, да кажуваат приказни, и да не работат – фудбал. Се погоди и Фејсбуков во последно време, па некои такви и се „обединија“ и демек работат фудбал – само со соопштенија!

Ако така се оди напред… Тешко на фудбалов…!

Земете, па наместо да зборувате и да „советувате“…Работете фудбал по клубови, да бидете таму претседатели, тренери, фудбалери, спонзори…Од таму се гради и репрезентацијата, и федерацијата, и фудбалот македонски!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.