ИН МЕМОРИАМ – Сашо Панов

Во 74-та година од животот на Попова Шапка, каде што ги минуваше пензионерските денови, ненадејно почина македонската спортска легенда Сашо Панов. Тој покрај тоа што беше истакнат спортист, целиот работен век го мина и во Македонската телевизија, каде што ги реализираше и најодговорните спортски проекти, како што беа преносите од хокеарскиот турнир на Олимпијадата во Сараево – 1984 година.

Saso PanovВо долгогодишната спортска кариера, која почна во првата половина од 50-те години од минатиот век, Сашо Панов иако хендикепиран – без една рака која ја загуби по експлозија на бомба уште како дете на скопското Кале, беше повеќекратен тениски пионерски, младински и сениорски првак на Македонија. Во тенис беше и втор на Европското првенство за пиоонери 1956 година во Суботица. Потоа, од неговата спортска биографија ги бележиме победите и титулите освоени на првенствата на Македонија во алпско скијање, а во слалом беше првак на Југославија за инвалиди, а беше и победник на Зимската Олимпијада за инвалиди одржана во Куршевел, Франција, во 1972 година. Со екипата на Еврејско маало беше и екипен првак на Македонија во пинг-понг.

Со сите тие постигнувања, Сашо Панов има почесно место во македонскиот спорт, во кој ќе биде запаметен како вистинска спортска легенда.

Неговиот животен пат заврши онаму каде го поврзуваа спомените од минатото, на Попова Шапка. Таму каде што  некогаш победуваше, секогаш беше добродојден на белите патеки, каде и во 70-те години од животот на младите вљубеници на белиот спорт им ги демонстрираше скијачките вештини.

Панов беше и истакнат уметник, кој зад себе остави многу слики од Старо Скопје и икони, а беше автор и изведувач на иконостасот во црквата на Попова Шапка.

Погребот на Сашо Панов ќе биде утре (28. ноември) на Градските гробишта Бутел во Скопје од 12 часот.

Се вчитува...