ИНДИРЕКТ: За „албански“ дрон – нема пардон!

Екипа

Спортот кај нас одамна е политички обоен и тоа не е ништо ново. Си молчиме и си ’трпиме’ подолго време, оти кај нас овде во Македонија те трујат со политика и ако одиш во ве-це. Навистина е така, пред некој ден и тоа го прочитав – парола политичка во ве-це во едно од кафулињата во центарот на Скопје.

Навикнати сме, ќе кажете, јас ќе ви климнам со глава, ама џигерот ми се превртува кога ќе видам како дрон лета на Чаир, а носи знаме со политичка содржина. Па, демек, голема ќе била Албанија. Далеку ќе да е од таква, ако треба со дрон да ја летаат, ама тоа им го оставам повеќе да го думаат ДУИ, Беса и Алијанса, како и ВМРО и СДСМ, и таквите ’усијани’ политички глави.

Јас велам, за таков дрон – што вее знаме со политичка содржина (каква и да е, а најмалку на држава што некој смета дека ќе била голема) – не смее да има пардон во македонскиот спорт. И тука треба веднаш да се сече, остро и на прва!

Дронот не слета на стадионот Чаир, остана обесен на дрво, но виновниците треба да се пронајдат, и ригорозно да бидат казнети. А доколку тие имаат било каква релација со организаторот на мечот, тогаш и Шкупи да се најде на Дисциплинска! А казната да биде драстична, за пример… За друг таков дрон – никогаш да не се обидува секого од нас да го прави морон.

Не е лесно да се прочита и планот. Дронот слетува на теренот, го кине Попов или некој друг „вардарец“, а потоа почнува вистинска „војна“ на стадионот, па и надвор од него. Нема тој филм да го гледате, вие ‘усијани глави’.

Ставам глава дека ќе се процени дека дронот залутал некако на Чаир, токму за време на мечот Шкупи – Вардар, но, ова сигурно е знак за нов член во Правилникот за натпреварување…Еве, ќе помогнам и со текстот…

„Организаторот на натпреварот што ќе дозволи истакнување на политички симболи, знамиња и пароли, кои имаат за цел да ја омаловажат Република Македонија – директно ќе биде префрлен во најнизок ранг на натпреварување!“….Енде

Па, нека летаат после дрон…од карши, во паркон!

Се вчитува...