Ингебритсен: Без разлика што се е решено во групата, сакаме спортско надигрување во Скопје

Тренерот на Розенборг, Каре Ингебритсен најавува спортско надигрување на утрешниот последен натпревар во Лигата на Европа против Вардар на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

И за двете екипи мечот од резултатски аспект апсолутно ништо не значи. Но, Ингебритсен потенцира дека посакуваат со победа да ја завршат годината…

„Мечот и за двете екипи, од резултатски аспект, ништо не значи. Но, секако победата или добар резултат многу значи и за двете страни. Ние завршивме со нашиот шампионат, малку одморивме и тоа може да биде наша мала предност. Сакаме со добар резултат да ја завршиме европската епизода. Победата е наша желба без разлика на тоа што знаеме дека и Вардар истото го посакува“ – истакна на прес-конференцијата Ингебритсен.

Дуелот меѓу Вардар и Розенборг утре на „Филип Втори“ почнува од 21:05 часот. Комплетниот расплет во групата е добро познат. Двете екипи немаат никакви шанси за пласман понатаму. Розенборг ја осигура третата позиција, а Вардар дебитанското свое појавување во Лигата на Европа ќе го заврши на четвртата позиција.

Се вчитува...