Ингилизов: Цврсто стоиме зад стручниот штаб и фудбалерите!

Малку кој и во раководството на Победа очекуваше дека прилепчани седум едноподруго дуели ќе се без триумф во првенството, посебно по онаа голема победа над Вардар од 2-1 во Охрид.

Претседателот на Победа, Гоце Ингилизов во пресрет на завршницата на шампионатот во Првата лига, и по вчерашниот пораз од Пелистер, потенцира дека клубот цврсто стои зад стручниот штаб и фудбалери на кои сега им треба безрезервна поддршка за да се стигне до опстанокот во елитата. Ставот на Ингилизов за актуелните состојби во Победа ви го пренесуваме во целост:

„Ситуацијата на табелата е многу лоша за нашиот клуб. Очекувавме во завршницата на првенството да спремаме тим за следната сезона, наместо да се бриме за опстанок. Но што е тука е. Наредните осум кола до крајот на шампионатот мораме да освоиме доволно бодови како Победа би се спасила од испаѓање од лигата. Очајна ни е играта кон противничкиот гол. Речиси два месеци немаме постигнато гол и тоа ги преминува  сите граници. Но од друга страна пак сме доста солидни во одбраната и тоа не одржува во живот последниве десеттина кола.  Сега влегуваме во критичната фаза од првенството  во која мораме да бидеме поконкретни и похрабри во игрите затоа што само така резултатите ќе мора да стигнат. Буквално во ниеден натпревар и среќата не ни беше наклонета иако бевме подобри во натпреварите со Силекс, Шкупи, Брегалница, Македонија и Ренова… Но, за жал не успеавме да постигнеме погодок и покрај добрите шанси.

Продолжуваме понатаму. Нема враќање назад. Во наредните натпревари мораме многу повеќе да мислиме на противничкиот отколку на сопствениот гол и да се надеваме дека ќе создадеме повеќе шанси за со тоа и да постигнеме голови кои ќе ни донесат и бодови. Стручниот штаб и фудбалерите се тие од кои зависат резултатите и мораме максимално да застанеме зад нив и да им дадеме подршка.  Во просек имаме млад и неискусен состав од играчи кои индивидуално можат да напредуваат и нивните квалитети допрва ќе ги согледаме само доколку работат уште понапорно од досега.

Прилепската јавност а и ние како клупско раководство, од фудбалерите очекуваме подобри игри и подобри резултати. Никаде во Македонија нема публика како прилепската. Се надевам дека конечно фудбалерите на сите ќе ни приредат радосни моменти!!!“

Се вчитува...