Интер со сите сили по Наинголан, но Рома му нуди нов договор

Италијанскиот калчолигаш Интер засега не е активен на трансфер пазарот како градскиот ривал Милан, но, сепак, новиот тренер Лучијано Спалети, ги знае приоритетите. Тој сака да го купи својот поранешен играч од Рома, Раџа Наинголан, и тоа јасно им го стави до знаење и на раководните луѓе на „нероаѕурите“.

Интер, како што информираат медиумите на Апенините, отпочнал со „мисијата Наинголан“, но засега преговорите се во зародиш.

„Има нешто на тој план, клупските директори работат“, изјави Спалети, кој токму од Рома се пресели на клупата на Интер. Сака да го земе со себе и Раџа Наинголан, кој минатата сезона беше стрелец на 11 гола во Серија А.

Сепак, од Рома доаѓа информација дека Наинголан ќе потпише нов договор и ќе заработува по 5 милиони евра годишно.

„Се договоривме со Наинголан. Тој набрзо треба да потпише нов договор“, изјави претседателот на клубот, Џејмс Палота.

Втората мисија е уште потешка за реализација, Спалети го сака Тони Крос, германскиот интернационалец од Реал Мадрид.

Се вчитува...