Интересно: Самсоненко го нанервирале, всушност, најголемите вардарци!?

Русинот Сергеј Самсоненко на денешната прес-конференција соопшти дека се одлучил да ја повлече првичната своја одлука од пред еден месец за напуштање на трите вардарови клубови. И, генерално ништо ново кога е во прашање Самсоненко, за кого не е непознато дека носи импулсивни одлуки по кои потоа брзо ретерира. Така беше и на почетокот од сопствеништвото на ЖРК Вардар по најавата за смена на името на клубот, по што по реакцијата од оние најзагрижените за вардарството, се повлече од идејата… Така беше и по смешната одлука да се впушти во тренерските води, па се повлече, така беше и со одлуката за „распродажба“ на Јужна за дуелот со Фенербахче и висината на билетите – по која брзо ретерираше по силната реакција од вардаровите навивачи. Така е и сега секако со информацијата за останувањето во клубот, која во суштина можеше да се насети изминативе денови, посебно по влезот на ФК Вардар во групната фаза од Лигата на Европа.

На денешната средба со медиумите Самсоненко ја дообјасни објавата од пред еден месец за заминување, револтиран од пишувањата, како што вели, во одредени медиуми и по социјалните мрежи…

„Пред одреден период истакнав дека ова ми е последна сезона во сите три клуба и после тоа нема да инвестирам. Сакам да објаснам дека причината е само една, затоа што се собраа многу пишувања од одредени медиуми, кои истакнуваа невистини за мене, ги извртуваа фактите. Тоа ме погоди во срце, па сето тоа го кажав со жешка глава. Јас не сакав да си одам од Вардар и сакам да ви кажам да не верувате во невистините што се пишуваат за мене. Сакам да им порачам на тие што пишуваат, немате ни срам, ни совест, ве сметам за предавници“ – рече Самсоненко, потенцирајќи ги сите оние кои му укажале на нелогичните одлуки, наспроти „климачите на глава“ кои ги има до себе, дека се предавници.

Само што интересно, најжестоката реакција за неговата тогаш апсурдна одлука за „распродажба“ на Јужна беше од најголемите вардарци – кои тогаш нагласија, пак, дека тоа што го прават од клубот е предавство на Вардар и неговата историја! Први реагираа „Комитите“ со одлука дури и за бојкот на Вардар…

Komiti Skopje

Но, и некогашниот член на бордот на директори на ФК Вардар, како претставник на „Комитите“, Милорад Миленковски, кој не штедеше зборови да ги повика и легендите на клубот кои се со функции во Вардар меѓу кои и спортскиот директор Дарко Панчев, да се произнесат за предавството кое му се случува во клубот…

Miki Milenkovski

Не, помала беше реакцијата и на најголемите вардарови поддржувачи преку социјалните мрежи, кои потенцираа дека доколку ‘Самсоненко продолжи со таквото предавство, тој не е свесен дека си пукал во колено и повеќе нема што да бара во овој клуб и овој град!’.

ccs 2

И, секако само мал дел од домашните спортски медиуми, затоа што поголемиот дел, ниту смеат, ниту можат да застанат во одбрана на било каква општествена вредност, која би го налутила „големиот газда“, кој и сите добронамерни критики секогаш суетно си ги толкува како „лични навреди“. Па, затоа потоа, како што и самиот вели, реагира со „жешка глава“! За разлика од негови претходници финансиери во клубот кои трпеле и далеку пожестоки реакции и од навивачите и од медиумите, се разбира кога за тоа имало причина, а останале со „ладна глава“!

Се вчитува...