ИНТЕРВЈУ - БОРКО РИСТОВСКИ: 2018 ќе биде „бурна“ - ЕП, ЛШ, но и бебето што ќе се роди - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
24/11/2017 17:32
Кошарка
23/11/2017 21:55
Фудбал
23/11/2017 20:53
Кошарка
23/11/2017 19:42

ИНТЕРВЈУ – БОРКО РИСТОВСКИ: 2018 ќе биде „бурна“ – ЕП, ЛШ, но и бебето што ќе се роди

ИНТЕРВЈУ – БОРКО РИСТОВСКИ: 2018 ќе биде „бурна“ – ЕП, ЛШ, но и бебето што ќе се роди

Борко Ристовски е голман што може да донесе прсврт, а некогаш и „бура“ на голот. Некои велат „со него е тешко“, ама и „без него не оди“. Се покажа тоа најдобро во јунските квалификации за ЕП 2018. Голманот на Барселона и на македонската репрезентација  ја цени работата и знае да направи разлика. И да си го каже своето. Ја носи Барса на Балканот со првиот ракометен камп на европскиот гигант и има интересни планови за македонска инклузија во големиот проект. Верува во македонската репрезентација и во играчите од новата генерација. Го почитува системот и  убеден е дека селекторот Раул Гонзалес може да го извлече најдоброто од овој состав во продолжена транзиција. Сепак, предупредува…

Со Европското првенство во Хрватска очекува успешен почеток на убава година со многу предизвици на репрезентативен, на клупски, но, и на приватен план. Во март со неговата девојка Нина очекуваат принова, признава дека се уште збунето се носи со новата улога и дека на првиот ехо-преглед „се препотил“ повеќе отколку на тренинг…

НА СОБИР БЕЗ „ФАМА“ И „ГАЛАМА“

– Македонската репрезентација во малку подруг стил од претходно го одработува првиот собир во подготовките пред ЕП во Хрватска. Што е новото и колку тоа ќе влијае на подготвеноста на репрезентацијата за европскиот шампоионат во јануари?

„Од она што после 2-3 дена од овие подготовки може да се заклучи е дека почнавме поинаку да работиме и на тренинзите и во се околу. Во овие неколку дена имаме по два тренинга дневно, што за овој тип на собири кога нема натпревари, не е вообичаено. Тоа што е новост е малку повеќе, всушност, многу повеќе тактичка работа, посветување на ситни детали, а во исто време, работа и на физички план. Работиме мирно, нема како со претходниот селектор, да се прави „фама“ со 13 помошници, пет директори, седум масери…и некои слични такви небулози кои што беа присутни колку да се даде на некаква лажна важност, а реално, немаа никаков позитивен ефект. Сега работиме по стилот на Раул, тивко и квалитетно. Раул практично и нема свој помошник во моментов, работи сам на тактичкиот дел. Тука е само уште тренерот на голмани, Александар Царчев, кој што работи со нас. И мислам дека тоа е она што е важно – да се работи квалитетно и да се знае што се бара од секој тренинг.

borko rep03

И тука, неминовно доаѓа споредбата…

„Кога ќе се спореди со претходно, тоа се два сосема спротивни принципи на работа од кои едниот, овој на Раул е веќе докажан, другиот па е далеку од тоа. Човекот си освои се што можеше да се освои со Вардар. Да се освои Лига на шампиони воопшто не е мала работа. Да се освои Лига на шампиони со Вардар дава уште поголема вредност на сето тоа. Во принцип, сета онаа позитивна енергија што ја носи Раул со него се пренесува и на репрезентацијата и тоа мораме да го пресликаме и на Европското првенство. Се работи многу квалитетно, многу принципиелно. Сите сме на некој начин опуштени, се знае кога се работи, кога се одмара, кога се шегува, нема тензии, нема непотребно викање по помалите и потценување на играчите. Сето тоа, полека, би требало да направи една успешна приказна која треба да почне со ова Европско првенство, а потоа, се надевам, да продолжи и во наредните циклуси“.

-Македонија во, условно, комбиниран состав стартуваше во подготовките за ЕП. Дел се оние сигурни искусни играчи, но веќе на залез и дел играчи од новата генерација. Дали младите играчи добиваат реална шанса и сметаш ли дека тој рез во составот  можеби веќе треба да биде и подрастичен?

„На последните натпревари од квалификациите за ЕП, покажавме квалитет, сите оние млади деца кои на последното СП беа напаѓани и од селекторот и од јавноста дека не заслужуваат место и дека со нив толку може, покажаа дека вредат, дека имаат квалитет. Другото останува на тренерот. Еден играч игра онолку колку што тренерот ќе извлече од него. Раул покажа дека знае да го извлече максимумот од секој репрезентативец. Еден Филип Талески на претходните квалификации покажа дека во него треба да се верува и дека треба да му се даде шанса. Ако не му стоите постојано на грб и ако не го потценувате и не викате и навредувате, тој може да прави многу и да и помогне на оваа репрезентација да се радува на многу успеси во иднина. Далеку од тоа дека Талески е комплетен играч, меѓутоа е најдобриот што го имаме на таа позиција и мислам дека со давање поддршка нему и на таквите како него, можеме да одиме напред. Поддршката за младите играчи не треба да биде само декларативна, треба да биде вистинска и тие млади играчи да почувствуваат дека ја имаат довербата. Не е доволно само да го земете во репрезентација, тоа не е поддршка, тоа е на некој начин – морање, бидејќи мора да се направи таа транзиција. Давање поддршка и кога на тие млади играчи нема да им оди добро. Сите сме биде млади и сме имале подеми и падови во кариерата и тоа е нормално. Затоа е важна поддршката и мислам дека Раул тоа многу добро го прави, го оттргнува целиот притисок од нив, тие играат послободно и мислам дека тоа дава резултати.“

РАЗЛИКАТА Е ОГРОМНА, НАПРЕДОКОТ Е ОЧИГЛЕДЕН

borko, taleski rakomet rep

Дали малку „загубивме чекор“ во тоа реално подмладување на репрезентацијата во изминатиот период и дали можеби малку и заостануваме зад другите репрезентации, како Словенија на пример, во тој процес на транзиција?

„Ќе се обидам да бидам објективен и да се исклучам себеси од сета таа анализа. Мислам дека тој, не знам ни дали може да се нарече „план“ или таа „авантура“ – Светско првенство во Франција, за сите оние што разбираат, беше искористена најмногу за свои лични интереси и ситни профити. За да може некој да си го продолжи векот на својата кариера и да се обиде преку репрезентацијата да добие нешто што не можел преку клубот. Мислам дека експериментот „СП Франција“ се покажа како тотално неуспешен. За среќа, ние многу успешно ја пребродивме таа незгодна ситуација која ја наметнаа одредени луѓе и мислам дека со доаѓањето на Раул се покажа дека Македонија заслужува многу повеќе и може многу повеќе од 15.место што го нарекуваа „успех“. Доста беше со потценување и на македонските играчи и на македонскиот народ и сите тие залажувања. Сите оние кои тврдеа дека без Лино Червар не може или дека Лино е спасот за репрезентацијата, мислам дека со доаѓањето на Раул увидоа дека не било така. Разликата меѓу Раул Гонзалес и Лино Червар е огромна и напредокот е очигледен. Се надевам дека сите играчи што настапуваме за Македонија или оние што настапуваа за Македонија на СП, ќе покажеме дека заслужуваме повеќе од едно „успешно“ 15.место. Мислам дека во иднина сите кои што се во репрезентацијата и околу неа, треба своите лични интереси и своите лични амбиции и животни неуспеси да си ги остават на страна и да остават оваа репрезентација да се развива онака како што треба да се развива, да оди по патот по кој што заслужува да оди, како што одат успешни репрезентации без заткулисни игри без подметнувања, без лечење лични фрустрации. Мислам дека оваа репрезентација, овие деца што доаѓаат по нас, овој народ што го сака ракометот, заслужуваат да имаме успешна, позитивна „здрава“ репрезентација поставена пред се на здрави човечки и играчки квалитети.“

На ЕП во Хрватска не чека „балканска група“ со Веселин Вујовиќ и Драган Ѓукиќ, двајца поранешни селектори на Македонија, сега предводници на Словенија и на Црна Гора, и плус Германија како главен фаворит. Црногорците својата шанса ја гледаат против Македонија, каде ја гледа Македонија шансата за пласман во следната фаза?

Мислам дека тие изјави се своевидно префрлање на притисокот кај нас, затоа што сакале да признаеме или не, ние сме поквалитетна репрезентација од Црна Гора, сигурно ќе имаме и многу поголема поддршка од нашите верни навивачи за кои сум убеден дека во јануари ќе бидат во Загреб и ќе ни помогнат многу. Мислам дека сме поквалитетни од нив и не би требало да има изненадување на тој натпревар. Но, во спортот и во ракометот, не можете да бидете сигурни против никого, на ниеден терен. И треба да бидеме внимателни. Да ја прифатиме таа фаворитска улога, но да стоиме цврсто на земја и да бидеме свесни за тоа што не очекува. Освен Германија која што отскокнува, според мене, соодносот на силите во нашата група, изедначен. Можеби Словенија во однос на нас има малку предност со многу квалитетни играчи на сите позиции и игра еден ракомет кој што нас не ни одговара. Но, тоа не значи дека ние не може да ја победиме Словенија. Напротив, мислам дека нашата шанса треба да ја бараме на победа против Словенија, сигурна победа против Црна Гора и да бараме изненадување против Германија, бидејќи тоа е поквалитетна репрезентација од нас. Генерално, нашата група е и лесна и тешка. Зависи кој како ги гледа работите. Во секој случај – незгодна. Уште понезгодна е што првиот натпревар го играме против репрезентацијата на Словенија која што традиционално е незгоден противник за нас.

borko rep 121

-Од перспектива на претходните искуства и од овој прв собир пред ЕП, во што е позитивниот, а што може да биде негативен момент за македонската репрезентација?

„Верувам дека ќе имаме огромна поддршка од нашите навивачи и искуствата што ги имаме од последните европски и светски првенства и посебно искуствата од натпреварувањата на овие простори, кога се ќе се собере, би требало да биде еден голем плус за нас. Но, далеку е од тоа дека уште сега може да се ветат големи работи и големи резултати, затоа што ова е една репрезентација која што е во транзиција, со промена на генерации. Помалку или повеќе треба помладите играчи да добијат искуство, а во исто време и да се бараат резултати токму на големи натпреварувања. Тоа е она што, условно, може да биде проблем за нас, затоа што ние мора да веруваме во Талески, во Кузмановски, шанса мора да добијат и младите голмани и младите крила и левиот и десниот бек, сите млади играчи треба да добијат шанса. Затоа што тоа е иднината на ракометот. Ако сакаме да имаме успешна репрезентација, младите мора да ја добијат својата шанса.“

БАРСА БЕЗ ПАЛМАРСОН БЕШЕ ФАВОРИТ ЗА Ф4, СО ПАЛМАРСОН Е ФАВОРИТ ЗА ТИТУЛА

borko barsa pleska

По паузата за репрезентативните настапи, фокусот одново се враќа на клупска сцена. Со Барселона имавте успешен старт во новата сезона во ЛШ, со исклучок на гостувањето во Скопје и поразот од Вардар. Дали по овој прв дел веќе може да се издвои потесниот круг на фаворити во ЛШ?

„Ние одигравме еден добар прв дел од ЛШ, сите натпревари ги добивме, одигравме натпревар со Вардар на кој што реално беа подобар противник и заслужено победија. Во ЛШ не може да се очекува да ги добите сите натпревари, сезоната е долга, сигурно и ние и Вардар ќе изгубиме некој натпревар, многу е тешко, речиси и невозможно, цела сезона во ЛШ да ја одиграте на исто ниво и да не загубите ниеден натпревар. Така што во оваа групна фаза важно е да се одржи темпото, позитивната енергија и да се темпира формата за она најважното што доаѓа на крајот, за фајнал-фор.

Колку е посилна Барселона со Арон Палмарсон?

„Барселона и пред доаѓањето на Арон Палмарсон беше еден од кандидатите за настап на Ф4 во Келн. По доаѓањето на Палмарсон, сакале или не, нас не вбројуваат во главните фаворити за освојување на Лигата на шампионите. Дали ќе биде тоа така, дали ќе се вклопи така како што очекуваме, дали ќе бидеме сите здрави и ќе имаме успешна сезона, сето тоа ќе го покаже времето. Мислам дека  со доаѓањето на Палмарсон ние сме едни од фаворитите за освојување на ЛШ.“

ПРВ РАКОМЕТЕН КАМП НА БАРСА НА БАЛКАНОТ – МАКЕДОНИЈА ДЕЛ ОД ГОЛЕМИОТ ПРОЕКТ

borko barsa kamp

Борко Ристовски ја носи Барселона на Балканот како организатор и носител на лиценцата за првиот ракометен камп на Барселона надвор од Шпанија. Од каде потекна инцијативата и што опфаќа целиот проект?

„Во разговор со мојот партнер, компанијата „Хандбал интернационал“ која веќе со години организира такви кампови, дојдовме до идеја да се обидеме да ја добиеме лиценцата за ракометен камп на Барселона и да го правиме тоа за почеток во Хрватска. Идејата е добра има основа за многу поголеми работи од самиот камп. Воопшто не беше едноставно да се дојде до таа лиценца, за која што преговаравме повеќе од шест месеци. Ова е огромно задоволство и обврска да се организира ваков камп и да се донесе Барселона на овие простори. Ова е прв и засега единствен ракометен камп што го организира Барселона надвор од Шпанија и токму затоа беа тие долги и темелни преговори на повисоко ниво со луѓето од Барселона. Добивањето на ваква лиценца од Барселона не е мала работа и за нас тоа е обврска организацијата да биде на врвно ниво.“

– Најавивте високи стандарди и во поглед на организацијата, но и во поглед на учесниците во оној професионалниот тренерски дел. Кој се ќе биде присутен на првиот камп на Барселона летово во Омиш?

„Најголемиот дел од тренерите ќе бидат од Барселона, нив  ги обезбедува клубот и ќе имаме еден супервизор кој што ќе го надгледува целиот проект и на крај ќе даде оценка за сработеното. Барселона тоа го постави како услов, ние со задоволство го прифативме. Тренерот на Барселона, Чави Пасквал, доколку во тој период нема настапи со репрезентацијата на Романија, ќе биде присутен. На кампот ќе бидат присутни многу познати ракометни имиња како Стефан Кречмар, Дагур Сигурдсон доколку добие дозвола од Јапонската ракометна федерација, потоа поранешниот селектор на австриската и на исландската репрезентација, Пaтрекур Јоаханесон, во преговори сме со тренерот на Нант, Тиери Анти. Засега се уште тоа се неофицијални разговори кои се уште не се потврдени. Разговаравме и со тренери од овие простори, поканет е и начелно, еден од тренерите на кампот треба да биде и поранешниот македонски селектор, Ивица Обрван, од Македонија ќе биде Данило Брестовац. Се надевам дека ќе се усогласиме со обврските и ќе имаме еден сериозен тренерски тим со признати тренери кои се врвни во својата работа. Свое присуство на кампот најави и потпретседателот на германската федерација и спортски директор на Берлин, Боб Ханинг. Од играчите од Барселона учеството на кампот го потврдија Седрик Сорендо, а доаѓаат уште и Валеро Ривера, Виран Морос и Аитор Арињо. Доколку во тој период биде слободен, своето присуство го најави и Јуре Доленец. Поканети се Дејан Манасков и Столе Стоилов од македонските репрезентативци и доколку се во тој период слободни, исто така ќе бидат наши гости на кампот. Настојувавме да има играчи од сите позиции за сите учесници на кампот да може да поработат со едни од најдобрите играчи во светот.“

-Дали базата останува Хрватска и за наредните изданија на кампот?

„Оваа година базата на кампот ќе биде само во Хрватска затоа што таму ја имаат потребната инфраструктура и позитивно долгогодишно искуство на организациски план. Има идеја и интерес да организираме камп на Барселона и во Македонија, веќе разработуваме и план за тоа, но не за оваа прва година затоа што треба прво да се консолидираме. А, потоа во наредните години во план е вакви кампови и во други центри низа Европа, во прв план се Германија и Австрија и се надевам, во Македонија,  а преговараме и за отворање на ракометен камп во Јапонија.“

-Каков е конкретно, интересот од Македонија за учество на кампот на Барселона?

„Иако се уште не е официјално отворен уписот за учесниците во кампот, позитивно ме изненадува фактот што од Македонија веќе има заинтересирани за учество на кампот, се јавуваат родители. Јас како Македонец, како долгогодишен репрезентативец, нормално, сакам Македонија да биде вклучена во овој проект во што поголем обем. Во преговори сме со МОК а, деновиве треба да разговараме и со раководството на РФМ, на кампот да присуствуваат неколку ракометни тренери од Македонија, под нивно покровителство. Зборуваме за млади и амбициозни тренери кои сакаат да учат и да напредуваат. Тоа ќе биде добра можност за нив и ќе даде еден дополнителен поттик за ракометот во Македонија во тој тренерски дел. Лично ќе се заложам да им овозможиме учество на кампот и на талентирани деца од Македонија, кои финансиски не се во можност, да присуствуваат на кампот како наши гости без никаква партиципација. Верувам дека сето ова ќе го реализираме и дека во перспектива, ќе имаме многу позитивни резултати од овој проект.“

ВО МАРТ ДОАЃА ПРИНОВА, А БОРКО ОД СРЕЌА СЕ ПРЕПОТУВА

borko 111

„Да, со мојата девојка и идна сопруга, Нина, чекаме принова. За прв пат ќе станам родител и да бидам искрен, чувството е неверојатно, не може да се опише. Во прв момент бев збунет и помалку изгубен, за мене нова ситуација, радосна и позитивна, но не знаев како да изреагирам. Пред неколку дена кога дојдовме во Македонија, и јас бев на последните прегледи и реков дека повеќе нема да одам. Тоа било потешко од се друго, чувствував некој притисок во градите, дланките ми се препотија. Реков, не одам веќе, повеќе белја правам. Среќен сум, ова е едно од најубавите чувства во животот. Детето  менува многу работи во живот. Сите работи што претходно ме интересирале, сега одеднаш ми станаа споредни. Имам мини колекција на вредни часовници и одеднаш тоа хоби и сите тие часовници изгубија вредност, автомобилот изгуби вредност, се друго изгуби вредност и сега сите мисли се насочени на детето што е на пат, на обезбедување на неговата иднина. Со Нина веќе почнавме да планираме и каде да му купиме стан на детето уште неродено, па моите почнаа да се шегуваат со мене дека малку сум збунет и „изгубен“ во оваа нова ситуација. Принова чекаме во март, значи меѓу Европското првенство и финалето во Лигата на шампионите по ракометните термини. Ќе биде „бурна“ година, дефинитивно, ама се надевам, многу среќна и успешна.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.