Интервју со Марко ван Бастен: Фудбалот се менува, но целта е иста – да дадеш гол!

Припаѓам на генерацијата која велеше „за тебе сум Марко ван Бастен“ кога сакаше да ја истакне фудбалската надмоќ над противникот, без разлика на кое ниво е фудбалското надмудрување. А тој стрелаше од сите позиции, со волеј, со ножички, глава, лева, десна…Трикратен добитник на „Златната топка“ и уште многу награди, признанија…

Поминаа 30 години од неговиот херојски волеј против поранешниот Советски Сојуз во финалето на Европското првенство, кога Холандија ја освои титулата со триумф од 2-0, во неговата фантастична кариера постигна повеќе од 300 гола, а сега е технички директор за развој на фудбалот во ФИФА. Вчера дојде во посета на Македонија, да го увеличи пуштањето во употреба на новиот капитален објект на Фудбалската федерација на Македонија – новиот сместувачки капацитет за Академијата на ФФМ и младите национални селекции.

Марко ван Бастен…искрено, јас и понатаму за се што е неверојатен квалитет, секогаш знам да го изговорам неговото име, и толку повеќе ми е драго што ЕКИПА доби можност за ексклузивен разговор со легендарниот напаѓач на Ајакс, Милан, и на холандската фудбалска репрезентација.

И веднаш, „на прва“, мора да одговори…како се станува совршен напаѓач? Дали талентот и инстинктот се пресудни, или пак напорната работа? И….се гледа дека сега умее и политички да одговори.

„И двете, се разбира. Талентот е вроден, и ве определува од најмали нозе, но потоа напорната работа. Инстинктот е исто така многу важен, да се најдете во вистински тајмиг на вистинско место, да почувствувате каде ќе дојде топката и да ја испратите во голот. Но, сето тоа се учи, во најголем дел, на тренинзите, со напорна работа, навистина многу може да се напредне“, вели Ван Бастен.

А, кога вели реперот за вистински стрелец, тогаш не може да не му се верува.

Во негово време се играше многу поинаков фудбал. Ако го спореди со овој сегашниот, вели дека бил среќен што играл пред 30 години, тогаш полесно се постигнувале голови. Можеби е само скромен, но…

„Фудбалската игра секако еволуираше, но целта е иста – да се постигне гол. Сега се игра побрзо, но и повеќе се посветува внимание на моќноста, дуелите, цврстината. Има и помалку простор за игра, тактичката поставеност е усовршена. Мислам дека во мое време, беше полесно за напаѓачот да постигне гол. Но, јас ништо не би менувал“, се потсетува холандскиот ас.

Има два омилени гола…Едниот сите го паметиме, во финалето на ЕП 1988.

„Можам да издвојам два гола. Едниот по својата важност, во финалето на Европското првенство против Советскиот Сојуз, за водство од 1-0, и за европска титула. На крајот победивме со 2-0. Вториот е во дресот на Ајакс, кога со „ножички“ постигнав гол против Ден Бош. Се сеќавам колку само го вежбав тој удар на тренинзите, а на тој меч го изведов фантастично и на натпревар – и постигнав убав гол“, раскажува Ван Бастен.

Во 2004 година, Марко ван Бастен беше селектор на Холандија, и дојде во Скопје на квалификациски меч против Македонија. „Лалињата“ се намачија и не успеаја да победат, а се уште го памети натпреварот.

„Македонија отсекогаш имала фудбалски талент во себе. Се сеќавам на тој натпревар во Скопје. Македонија одигра одлично, а ги паметам како феноменални играчи Пандев и Шаќири. Уште тогаш се издвои иако млад Горан Пандев кој потоа оствари блескава кариера. Токму тоа е показател дека македонскиот фудбал може многу да и понуди на Европа“ – вели Ван Бастен.

Конечно, се фокусираме на моментот за кој и пристигна во Македонија овојпат, да биде дел од отворањето на новиот сместувачки капацитет за Академијата на ФФМ и младите национални селекции. Искрено вели, во негово време, ова го немаше ниту во Ајакс.

„Јас бев дел од онаа славна Академија на Ајакс, но мора да истакнам дека тогашните услови кои ги имавме ниту од далеку не беа како овие денешните кои ги имаат младите фудбалери за свој развој. Во улога на технички директор за развој на фудбалот во ФИФА сега сум задолжен токму околу создавањето услови за најмладите категории и навистина сум пресреќен што може да видам и еден ваков капитален објект во Македонија. Фудбалската федерација на Македонија овие години се поинтензивно покажува дека силно е решена да вложува за развој на младите фудбалер што е навистина позитивно, и тоа и УЕФА и ФИФА отворено го поздравуваат“ – истакна Ван Бастен, дополнувајќи дека изминатава 2017 година фудбалскиот свет многу слушна за Македонија и македонскиот фудбал.

„Тоа што го направивте со младата репрезентација и пласманот на ЕП е навистина голем успех кој силно одекна во Европа. Убаво е да се види како Македонија фудбалски оди напред. Голема работа за вас беше и организацијата на УЕФА Супер купот за кој и УЕФА се изјасни дека бил одлично организиран. Очите на целата планета тогаш беа насочени кон Македонија. Ако ме прашувате дали во иднина може да се очекуваат малите земји да бидат домаќини на ЕП или СП може да кажам дека проблемот не е во организацијата затоа што Скопје преку Суперкупот се покажа како одличен организатор. Но, проблемот со помалите земји е што немаат капацитет да ги примат сите тие гости – натпреварувачи и навивачи, тоа е најголемата пречка за организација на големо натпреварување“ – вели Холанѓанецот.

Марко ван Бастен е идол на многу млади деца кои и сега почнуваат во фудбалот, еден од најдобрите голгетери во историјата, а и тој имал свој идол. И достигнал да игра заедно со него… Јохан Кројф.

„Како малечок, сонував да бидам како Јохан Кројф. И имав среќа, што во продолжението од кариерата имав шанса да играм со него, но и да научам многу за фудбалот од неговата филозофија. Тој беше голем играч, голем тренер, и уште поголем човек“, го заврши својот разговор, 53 – годишниот холандски фудбалски ас, кој напомена дека веќе никогаш нема да се обиде во тренерскиот занает.

Се вчитува...