ИНТЕРВЈУ - ЖИВКО МУКАЕТОВ: Сакам да бидеме најпријатно изненадување на Мундијалот во Франција - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Фудбал
26/05/2017 16:51
Ракомет
25/05/2017 21:10
Коментари
25/05/2017 18:53
Фудбал
25/05/2017 14:47

ИНТЕРВЈУ – ЖИВКО МУКАЕТОВ: Сакам да бидеме најпријатно изненадување на Мундијалот во Франција

ИНТЕРВЈУ – ЖИВКО МУКАЕТОВ: Сакам да бидеме најпријатно изненадување на Мундијалот во Франција

ЕКИПА, преку интервјуа и разговори во континуитет, ќе се обиде да ги доближи Европа и светот поблиску до сите нас, но и да потсети на оние кои со Македонија ги остварија најголемите успеси во изминативе години. Имаме и ние спортисти, тренери и спортски работници, кои што заслужуваат максимален респект…

================================================================

Ако се говори за менаџирање со федерација што функционира беспрекорно, во преден план секако избива името на Живко Мукаетов. Ракометот беше спорт број 1 и пред доаѓањето на успешниот бизнисмен на чело на РФМ, но со неговото доаѓање организираноста се крена на највисоко можно ниво, а со тоа дојдоа и резултатите – пред се во младинските категории кои беа запоставени од претходното раководство. Горд на досега сработеното, но и оптимист за предизвиците што следат, Мукаетов во Мец со нетрпение го очекува Светското Првенство на кое Македонија денеска го игра премиерниот натпревар против Тунис.

  1. При доаѓањето на чело на РФМ пред четири години најавивте сериозен концепт и високи амбиции. Колку сте задоволен од сработеното?

На изборното собрание пред четири години јас во својот говор истакнав дека ќе се потрудам македонскиот ракомет да функционира на малку поинаков начин за разлика од дотогашниот: дисциплина и напорна работа пред сѐ, организациска структура со точно дефинирани одговорности, акцент на стратегијата од клупа. Ги оставивме суетите на страна; се сконцентриравме и сериозно се посветивме на конкретни задачи: заживување на овој спорт покрај во Скопје и во помалите градови а некогашни познати ракометни центри како Битола, Прилеп, Велес, Охрид и др.; регрутирање на подмладок; поголема посветеност на организација на лигите во помладите категории; интензивирање на активностите кои кај младината би поттикнале уште поголем интерес и масовност кај овој спорт; едукација на тренери и градење на здрава тренерска база. Ни беше исклучително битно да поставиме солидни темели на систем кој во пракса вистински ќе функционира. И мислам дека во голема мера тоа и го остваривме.

Со неверојатна брзина изминаа четири години од нашиот мандат, во кои три пати добивме признание за најдобра спортска федерација во државава  од страна на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија (во 2013 г., 2014 г. и 2015 г.) а добивме и неколку ‘спортски оскари’. Јас лично сум задоволен од резултатите на Федерацијата што ги постигнавме во текот на досегашниот мандат, но сметам дека секогаш се може повеќе.

2. Кој од остварените резултати во овој период, што би посочиле како најголем успех?

Ако би морал да издвојам достигнувања на Федерацијата на кои сме особено горди, тоа би биле освоеното 9то место на машките сениори во Катар, што беше највисок пласман на мундијали на наша селекција до сега. Од особена важност за нас се постигнувањата кај младите категории како: пласманот на машката младинска селекција на СП 2017 во Aлжир и учеството на ЕП 2016 во Данска; учеството на јуниорките во Шпанија 2015г. и кадетките во Македонија во 2014г.; учеството на јуниорите во Австрија и кадетите во Полска во 2014г. за кои натпреварувања ние како Федерација имаме одвоено значителни финансиски фондови, но искуството кое тие го добија на овие настани е особено важно за нивниот понатамошен развој бидејќи почувствуваа како е да се бориш за секој бод, колку е сладок успехот и горлив поразот. Во моментов, во Федерацијата имаме систематизирната база од 2000 млади ракометни надежи. Би ги споменал и спроведената дигитализација во работењето на Федерацијата; ЕХФ СМАРТ програмата и РИНК конвенцијата; формирањето на Здружение на ракометни тренери и бројните едукативни сесии кои тие ги спроведоа; како и многу други заложби на Федерацијата кои придонесоа за поголема популаризација и интерес за овој спорт. Особено радува што со сите овие потфати, потврдивме дека ракометот е апсолутно спорт бр. 1 во Република Македонија.

mukaetov so viderer

3. Од самото доаѓање акцентот го ставате на младите категории, а тие донесоа радост на почетокот од годинава со пласманот на СП. Што беше клучно за остварување на овој успех?

Оваа генерација млади ракометари реално би требало во следните десеттина години да биде базата за идната А-селекција. Талески, Неловски, Кузмановски, Шилегов, Крстевски, Томовски и останатите влеваат верба, надеж и нова енергија за посветла ракометна иднина. Младинците покажаа дека сакаат да играат, дека имаат талент, знаење, квалитет и карактер а имаа коректна логистика од РФМ и одлично водство од селекторот Илија Темелковски и целиот стручен штаб. Уште еднаш би сакал да им честитам на сите момци и на стручниот штаб и да се надеваме дека ова ќе биде еден дополнителен поттик за постигнување на уште подобри резултати во иднина.

4. На ред се сениорите и учеството на СП 2017. Која е целта зацртана од Ракометната Федерација на Македонија пред ова големо натпреварување и што Вие би сметале за успех?

На претстојниот мундијал во Франција, Македонија оди во малку изменет состав и со нов селектор. Момците имаа навистина специфични и напорни подготовки за мундијалот а ние како Федерација максимално се потрудивме да им обезбедиме беспрекорна логистичка поддршка и услови за работа. Непосредно пред заминувањето за Франција имав можност да се сретнам со целиот тим и можам да констатирам дека ентузијазмот е на високо ниво, а желбата за успех е голема! Верувам дека момците ќе го дадат максимумот и со гордост ќе ги бранат боите на Македонија. Лично посакувам да се задржи позитивното расположение и тимскиот дух, а квалитетот достојно да се докаже на терен. Тимот е освежен со неколку помлади играчи, компактен, искусен и докажан, а на чело со капитенот Лазаров убеден сум дека ќе се покажеме во нашето најдобро издание. Нема да дозволиме третманот на ‘аутсајдери’ во групата да го одвлече вниманието или на било кој друг начин негативно да влијае врз настапот на нашата репрезентација. Не би сакал да шпекулирам со пласмани и да правам резултатски притисоци или анализи на прогнозите, но би било добро да ја поминеме групната фаза и да бидеме пријатно изненадување на мундијалот.

mukaetov i lazarov

5. Лино Червар беше доведен со цел да се изврши долго најавуваното подмладување на репрезентацијата. Како ги коментирате неговите одлуки околу списокот за ова СП и колку сте севкупно задоволни од работата на новиот селектор?

Лино Червар веќе осум години посветено работи на развој на македонскиот ракомет преку својата позиција на клупски тренер и има темелно познавање на приликите и потенцијалите на македонските ракометари. Како предводник на хрватската ракометна репрезентација, има освоено 4 сребрени и 1 златен медал на континентални и светски шампионати, а најзаслужен е и за освоениот златен медал на хрватската ракометна репрезентација на ЛОИ во Атина (2004 г.). Ова не го потенцирам затоа што на било каков начин се сомневам во неговите квалитети, туку напротив, благодарен сум што во еден навистина специфичен момент за машкиот репрезентативен ракомет се нафати на оваа тешка и одговорна функција. Лино Червар има визија за понатамошна работа со нашиот А-тим а ние како Федерација комплетно стоиме зад неговите одлуки околу стратегијата на терен, каде тој и стручниот штаб имаат комплетна слобода на креативност. Особено го ценам бидејќи покрај посветен тренер, тој е и извонреден мотиватор кој сериозно работи како на физичката подготвеност така и на психолошкиот момент кај нашите репрезентативци.

6. Финансиите секогаш се проблем во спортот во Македонија, но дефинитивно добивте олеснување со последната помош од Агенцијата за Млади и Спорт. Исто така, Како успешен бизнисмен, од колкаво значење се последните измени во законот за вложување на дел од данокот за добивка?

Нашата Федерација беше првата федерација во Република Македонија на која ѝ беа доделени средства од државата по основ на новиот Закон за спорт односно измените во Законот за игри на среќа. Средствата кои ги очекуваме од Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија во износ од 6,6 милиони денари наменети за настапот на машките сениори на СП во Франција и за организација на квалификацискиот турнир за младата ракометна селекција (У-21) за мундијалот во Алжир; дефинитивно ќе го олеснат функционирањето на Федерацијата во поглед на финансирањето на активностите кои би има(в)ме во Федерацијата, бидејќи до сега, на годишно ниво, обезбедувавме над 90% од финансиите од приватни спонзори, односно од членовите на Управниот одбор на Ракометната Федерација.

Ракометната федерација на Македонија годинава има многу сериозна програма, поврзана со активностите на машката и женската сениорска репрезентација и организација на неколку турнири во помладите категории, јуниорски женски турнир за пласман на ЕП во Словенија, организатори сме на Европски шампионат за кадетки во Македонија а нѐ очекува и светското првенство за младинци во Алжир.

Искрено се надевам дека овие мерки, кои се за поздравување, навистина ќе функционираат во пракса и нема да пропаднат заради некакви административни пречки, бидејќи нам како федерацијата, ќе ни овозможат непречено реализирање и на останати проекти кои се важни за развој на ракометот. За врвен спорт и резултати потребни се финансиски средства, па затоа, неопходно е да постои синергија помеѓу државата и спонзорите. Како еден од спонзорите во Федерацијата, сметам дека даночните олеснувања кои се предвидени со новите мерки се секако за поздравување. Иако во пракса, законот стапи на сила од 1 јануари 2017 година, според симулациите кои ги направивме во „Алкалоид“ ние како компанија ќе имаме дополнителен бенефит од вложувањето во ракометот, а искрено се надевам дека овие мерки ќе стимулираат и други бизниси да вложуваат поинтензивно во спортот воопшто. На крај, би напоменал дека навистина би било добро најпосле да се направи сегментација во рамки на организацијата на спортот во Македонија и да се одберат неколку спортови во кои државата поинтензивно ќе инвестира. Така и ние ќе знаеме на правилен начин да ги искористиме средствата вложени за развој на ракометот.

IMG_1704

7. Ракометот оди напред, женската селекција се пласираше во баражот, младинците се на СП, а сениорите се редовни учесници на големите натпреварувања. Кој е вашиот следен предизвик како претседател на РФМ, каде гледате простор за најголем напредок?

Oваа раководна гарнитура, во изминативе скоро 4 години вложи многу напори и ресурси за работа со младите категории кои треба да бидат база за развој на идни репрезентативци. Од СМАРТ програмата со ЕХФ (веќе имплементирана во 24 средни и основни училишта); поддршка на ракометните кампови и академии низ Македонија; проектот Национална спортската академија; пријавување и квалификации на сите младински категории на турнири и разни натпреварувања надвор од земјава; организација на турнири за младинските категории под палката на ЕХФ и ИХФ низ Македонија; обврската за пријавување на младински и кадетски екипи на суперлигашите во системот на натпревари на РФМ; ослободување на клубовите од обврски за плаќање на учество во натпревари на младинските категории под капата на РФМ  – сѐ со цел младите играчи да имаат шанса за што почести настапи, соочување со своите врсници а пред се, собирање на драгоцено искуство. Сите овие активности и мерки кои ги имаме планирано и спроведено кај младинските категории со тек на време ќе придонесат до континуиран раст на резултати, па оттука сметам дека треба и понатаму како Федерација да ги следиме сите селекции, од најмала возраст па нагоре. Како Претседател на Федерацијата, јас сум особено горд на овие резултати и би ја искористил оваа прилика повторно да им честитам на нашите млади категории, на нивните селектори и членовите на стручните штабови. Иако мојот мандат истекува наскоро, токму тука ја гледам иднина на македонскиот ракомет и искрено се надевам дека вложувањата во иднината на македонскиот ракомет ќе продолжат и понатаму, дури и со засилено темпо, бидејќи само со напорна работа и темелна стратегија може да очекуваме позитивни резултати.

 8. Кои се Вашите желби на спортски (РАКОМЕТЕН) план за оваа 2017 година?

Би сакал да ја отвориме оваа ракометна година како најпријатно изненадување на мундијалот во Франција; да се пласираме на СП 2018 во Хрватска; сениорките да се пласираат на СП во Германија; да продолжат успесите на македонските млади селекции во текот на целата година (особено кадетките во Македонија и јуниорите во Алжир); ЖРК Вардар да стане Европски првак а машката екипа да игра во Ф4 – и секако сите, пред сѐ, да ги служи добро здравје!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.