Инцидент кај Битпазар: Демолирани автобуси во кои се возеле „Комити“

По завршувањето на натпреварот меѓу Вардар и Реал Сосиедад во Лигата на Европа, се случи инцидент во центарот на Скопје. Притоа демолирани се автобуси во кои се превезувале и дел од вардаровите навивачи, „Комити“ кои минувале кај Бит пазар.

Вечерва со свое официјално соопштение се огласи и Министерството за внатрешни работи на РМ од каде информираат дека три лица завршиле во Ургентниот центар по инцидентот, а едно е приведено.

„Нарушувањето започнало на горниот кат од автобусот каде што настанала тепачка, која потоа продолжила и на долниот кат од автобусот. Едно од лицата учесник во тепачката го фатил воланот на возачот и предизвикал сообраќајка односно автобусот удрил во приватен автобус бр. 20. Откако биле отворени вратите од автобусот, лицата продолжиле со тепачката на самата постојка, но по пристигнувањето на полициските службеници лицата се разбегале во различни правци. Повредени се три лица кои со возила на итна медицинска помош се префрлени во Ургентен центар. За сега е приведено едно лице Р. Б. и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сите учесници во насилството“ – се вели во соопштението на МВР.

Се вчитува...