Историја: Девин Букер на 20 години броеше до 70 во НБА

Девин Букер одигра меч за историја за Феникс на гостувањето против Бостон (130-120), откако младиот кошаркар на „сонцата“ блесна во сиот свој сјај, постигнувајќи неверојатни 70 поени за својот тим. Тој е само шестиот кошаркар кој успеал да стигне до оваа бројка, единствен од сите активни играчи во НБА-лигата, воедно и убедливо најмлад ако се знае дека Букер стигна до ова остварување на само 20 години. Тој погоди 21 од вкупно 40-те упатени шутеви од поле (4/11 за тројка), од линијата за слободни фрлања имаше одличен ефект 24/26, собирајќи ги аплаузите и од противничките кошаркари, но и од навивачите на Бостон кои не го криеја задоволство што беа сведоци на историја.

[youtube id=”Pan_1zX0RPE” width=”640″ height=”380″]

Хјустон во драматичен натпревар славеше над Њу Орлеанс со 117-107, откако гостите имаа минимална предност на две минути до крајот, но „ракетите“ со фуриозен финиш стигнаа до победата. Џејмс Харден повторно беше во елемент реализирајќи 38 поени, воедно израмнувајќи го и сопствениот рекорд од 17 асистенции.

Никола Јокиќ одигра уште еден одличен меч за Денвер, носејќи му на својот тим победа против Индијана што е од огромно значење во битката за место во плејофот. Српскиот интернационалец го заврши натпреварот со 31 поен и 17 скокови, воедно и погодувајќи значајна тројка во самиот финиш од натпреварот.

Кливленд стигна до победа на гостувањето против Шарлот благодарение на Леброн Џејмс и неговите 32 поени и 11 асистенции, додека Голден стејт ја доби пресметката со Сакраменто (114-100), меч во кој „воините“ беа предводени од Стеф Кари (27 поени, 12 асистенции и шест украдени топки).

Резултати НБА:

Шарлот – Кливленд 105-112, Индијана – Денвер 117-125, Орландо – Детроит 115-87, Вашингтон – Бруклин 129-108, Бостон – Феникс 130-120, Чикаго – Филаделфија 107-117, Хјустон – Њу Орлеанс 117-107, Милвоки – Атланта 100-97, Голден стејт – Сакраменто 114-100, ЛА лејкерс – Минесота 130-119 (по прод.)

Се вчитува...