Италија на крстопат: Кој ќе продолжи, а кој ќе се пензионира?

Италија е во шок откако „аѕурите“ за првпат во последните 60 години не успеаја да обезбедат пласман на еден фудбалски мундијал. Најголемиот дел од вината дефинитивно е кај селекторот Вентура, но она што е поважно за Италијанците во моментов е да се состави база што ќе ја надмине оваа голема криза за да не се дозволи да се повтори „холандското сценарио“, откако „лалињата“ второ големо натпреварување по ред се „во аут“, без најави за посветла иднина.

Италија е на крстопат, а весникот „Газета дело спорт“ веднаш по огромниот неуспех направи и мини-анализа околу тоа кој би требало да продолжи да го носи националниот дрес, а кој ќе се збогува од репрезентацијата.

Џанлуиџи Буфон дефинитивно кажува збогум, друштво ќе му прави соиграчот од Јувентус, Барѕалји, како и Даниеле де Роси, кој на ЕП во 2020 би имал 37 години. Џорџо Кјелини исто така размислува за повлекување, но најверојатно ќе го почека именувањето на нов селектор пред да ја донесе конечната одлука.

„Аѕурите“ и во следниот квалификациски циклус ќе ги имаат Верати, Бонучи, Кандрева, Пароло, Имобиле, Белоти… но овие имиња не гарантираат и експресно враќање на големата сцена. Од младите Донарума дефинитивно ќе биде прв голман на местото на Буфон, а се очекува позначајна улога да добијат и Бернардески, Ромањоли, Ругани, Галјардини, Киеза…

Патот нагоре никогаш не е лесен, особено по едно вакво фијаско какво што им се случи на Италијанците во овој квалификациски циклус.

Се вчитува...