Јакимовска со „револуционерни“ идеи: Финансиска отштета за клубовите по утврдени судиски грешки!?

Реагирајќи на одредени случувања околу судењето во првите две кола од пролетниот шампионат во Првата македонска фудбалска лига, претседателката на Победа, Ирена Јакимовска на денешната средба со медиумите во Прилеп повика на одредени промени за унапредување на фудбалските судии.

Јакимовски предложи и можеби „револуционерни“ идеа за финансиско обештетување на клубовите кои се оштетени од судија… Судиите ги смета и како една од причините за бркањето на гледачите од трибините.

„Не ве повикавме со цел да се жалиме или да наоѓаме оправдување за нерешениот резултат претходно или пак сега за изгубениот натпревар. Се носиме со загубата и единствена причина и одговорност за тоа е само во ФК Победа. Во животот не е убаво да наоѓаш оправдувања и секогаш пиштолот да го впреруваш во другиот туку треба да го впрериш во себе и да се запрашаш зошто е тоа така. Ја користам приликата да ја честитам победата на ФК Вардар. Вчера бевме присутни на еден прекрасен натпревар кој беше максимално коректен од играчите на двата тима и за нас беше задоволство да се биде дел од тој натпревар. Меѓутоа за жал недостасуваше публика. Прекрасен стадион, добар фудбал но нема публика и јас се запрашувам и зошто повеќе нема публика на нашите фудбалскинатпревари? Една од причините е демотивацијата која се случува по одлуките на оние во чии раце е моќта да одлучуваат. Ова не го кажувам со цел дека постоела некоја тенденција и не барам некакво правдање за она што се случи. Јас не ни знаев и сега не знам кој беа судии ни во првото, ни во ова второ коло. Тоа и не е наша работа да знаеме, бидејќи нивна работа е да си судат. Наша работа е да го водиме клубот, а работата од играчите е да играат. Конкретно на првиот меч изгубивме два бода заради недосуден пенал. Човекот, судијата си го призна како грешка, Комесарот го призна, меѓутоа со оглед на тоа дека сакаме да имаме најдобри односи со оние кои се партиципиенти во целокупните фудбалски случувања во државава одлучивме-тоа е тоа. Човек кој работи може да згреши и продолжуваме понатаму. Иста или слична ситуација имавме и вчера. Потенцирам повторно дека причината за вчерашниот резултат е само ФК Победа. Не е судијата. Судијата може само да ти ја наруши атмосферата. Вчера имавме ситуација каде што над еден фудбалер не беа досудени неколку фаули од судијата, меѓутоа она што беш поголема штета е што судијата беше свесен за својата лоша одлука и за да искомпензира не досуди прекршоци и на спротивната страна. На тој начин, со компензација се прави само негативна атмосфера во самата игра, демотивација и демотивација точно кај гледачите. Од тие причини гледачите губат интерес да присуствуваат на натпреварите“ – истакна Јакимовска на денешната средба со медиумите во Прилеп, притоа веднаш посочувајќи и предлози за подобрување на фудбалската игра од тој аспект.

„Ние сакаме да иницираме само одредени промени. Од тој аспект би упатила една моја препорака до раководството на ФФМ, до оние кои ги прават системите за функционирањето на фудбалското судство во Македонија. Без да генерализирам, чест на исклучоци. Ние имаме одлични судии кај нас кои своите услуги ги даваат судејќи и на меѓународна сцена што потврдува дека ние имаме квалитет. Меѓутоа со оглед на тоа што евидентно во Македонија има недостиг на судии, според мене сметам дека треба да се формира правилна Судска Фудбалска Академија каде што ќе се воспостават нормите на судењето, што значи оној на кој му даваш моќ да пресуди за она што се случува во играта. Верувам дека не е едноставно да си судија затоа што треба голема концентрација, но сепак на крајот на денот губи клубот. Ние од првото коло изгубивме два бода. Моја препорака до ФФМ е да се најде правилен систем не во однос на дисциплинска мерка во однос на судијата кој не донесол соодветна правилна одлука, бидејќи таа дисциплинска мерка е само на судијата, клубот не добива ништо, останува без поени, кои не може да ги врати и со финансиски трошок за ревидирање на истото. Доколку постои систем каде одговорноста на судијата ќе биде поголема, не само по однос на негова дисциплинска мерка и самата Федерација да има одговорност кон клубот за кој што комисијата ќе одлучи дека е оштетен по основ на поени и истиот да се обештети финансиски. Сметаме дека дека на ваков начин ќе се редуцира степенот на носење на грешки при одлуките на судиите“ – смета Јакимовска и дополнува:

„Тоа е мое лично видување и сметам дека треба да се прават промени. Препорака до раководството на ФФМ дека треба да најде систем и начин како да се заштитат клубовите со обештетување за изгубените бодови (како што клубовите плаќаат за секој жолт или црвен картон, или жалби), а кај судииите да има одговорност и тежина на нивната задача. Да се биде судија воопшто не е лесно. Целосно ги разбирам судиите, бидејќи треба да имаат голема и психичка и физичка концентрација и кондиција за да може да се следи целата игра. Но за жал во Македонија има недостиг на квалитетни судии а нивниот број се намалува секој ден, а судиската кариера е со ограничен период. Утре може да дојдеме во ситуација да увезуваме судии, да ги плаќаме поскапо за да ја одржиме нашата лига. А вака со организирање на своевидна Судиската Фудбалска Академија, може да се инвестира во човековите вредности, да создадеме сопствен млад, едуциран и квалитетен судиски кадар, па зошто да не и да извезуваме судии кои на Федерацијата би и носеле и дополнителни приходи, а од друга страна би имале и поквалитетно судење во домашниот фудбал. Судискиот позив е доста и атрактивен, солидно платен, не те ограничува затоа што можеш да работиш и друга работа. Така да доколку ФФМ најде модел да го афирмира судискиот позив и да го пренесе знаењето на поискусниите и докажани судии интернационалци на младите сигурно би се подигнал на повисоко и квалитативно и квантитативно рамниште“ – вели Јакимовска.

Се вчитува...