Јане Велковски доби дрес од Јунајтед со потписи од Санчез и Фелаини, а утре ќе се сретне со Пол Погба

Малиот херој Јане Велковски се наоѓа во Манчестер и имаше блиска средба со своите идоли од Јунајтед. Доби и дрес на подарок, со потписи од Алексис Санчез и од Маруан Фелаини, а утре ќе има средба и со Пол Погба, со кого веќе оствари контакт преку Инстаграм. Тој и Погба меѓусебно си испраќаа пораки, а ѕвездата на Јунајтед го покани да биде специјален гостин на „Олд трафорд“ на утрешниот меч со Севилја од Лигата на шампионите.

Јане Велковски, момчето кое боледува од мускулна спинална атрофија, стана дел од кампањата на УЕФА наречена „Equal Game“ и присуствуваше и на Суперкупот на УЕФА меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед што се одржа во Скопје.

„Фудбалот ми значи сè. Кога играм фудбал, заборавам на сè. Кога гледам фудбал сум најсреќен. Јас не можам да одам, така сум роден, имам спинална мускулна атрофија. Сега сум голман, бранам во мојата електромоторна количка, можам да го водам тимот, да бидам капитен. Сонувам да можам да го добијам лекот кој ќе ми помогне да можам да одам и да бидам фудбалер како Роналдо“, вели Јане во видеото на УЕФА кое го обиколи светот.

 

Се вчитува...