Јаневски: Резултатот од Скопје ништо не значи, почнуваме како да е 0-0

Стратегот на Вардар, Чедомир Јаневски на прес-конференција во Истанбул пред утрешниот реванш натпревар со Фенербахче на „Шукру Сарачоглу“, потенцираше дека „црвено-црните“ ќе почнат од нула на оваа средба воопшто не размислувајќи за предноста стекната од Скопје.

„Мора да кажам дека не чека навистина тежок натпревар против силен противник. Резултатот од Скопје и победата од 2-0 воопшто ништо не значат. Тој резултат не ни гарантира дека ќе стигнеме до нашата цел пласман во групите од Лигата на Европа. Затоа мора да почнеме од нула, како резултатот да е 0-0, и така ќе се однесуваме на терен“ – истакна Јаневски, веднаш дополнувајќи:

„Но не можеме да криеме дека победата од 2-0 секако носи позитивна атмосфера во нашиот тим, носи една позитивна енергија која ќе се обидеме да ја преточиме во добра игра на утрешниот дуел. Фенербахче ќе има и огромна поддршка од трибините, но фудбалерите тоа не смее да ги оптоварува, и повторно да играат колективно со желба за позитивен резултат“.

Јаневски во одбраната нема да смета на капитенот Бобан Грнчаров кој мора да паузира поради црвениот картон. Тоа секако ќе биде хендикеп за црвено-црниот состав…

„Јасно е дека Грнчаров многу ќе ни недостасува. Јас тестирав некои фудбалери на претходниот натпревар со Победа, и може да кажам дека 90% знам со кој состав ќе истрчаме утре против Фенербахче. Остануваат уште некои мали детали да се прецизираат околу првиот тим“ – рече Јаневски, од кого од страна на турските медиуми беше побарано да даде мислење и за новиот фудбалер на Фенербахче, македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

„Јас Елмас никогаш не сум го следел во живо, затоа што една недела сум Вардар а претходно долги години работевм во Белгија. Но знам дека се работи за огромен талент пред кого е убава иднина, но секако треба време и трпение за да вистински се докаже во новиот клуб“ – рече Јаневски.

Се вчитува...