Јаневски: Секоја чест за моите „војници“

Македонскиот првак Вардар го совлада Работнички со 1-0, во заостанатиот дерби – натпревар од Првата лига, и ќе презими со „-8“ бода во однос на лидерот Шкендија. Тренерот Чедомир Јаневски е задоволен од триумфот, и упатува честитки за своите фудбалери, нарекувајќи ги „војници“.

„После секој натпревар упатувам честитки за фудбалерите, но навистина мислам дека е тоа сосема заслужено. Кажав и претходно дека не е нормално за наши услови во овој момент. Ова е 26 ден и 9 натпревар за нас. За некој ден ќе играме и 10-ти натпревар. Затоа сите честитки одат кон фудбалерите, реагираа како вистински „војници“, и немаме никакви проблеми на релација стручен штаб – играчи. Секоја чест за нив. Доколку имавме уште една победа повеќе, за мене ќе беше перфектна есен бидејќи во Европа игравме во групна фаза, го освоивме тој бод, иако како поминуваа тие натпревари игравме се подобро и подобро. Да се тренира во вакви зимски услови уште недела – две повеќе од останатите екипи, тоа е извонредно чувство“, вели Јаневски.

Вардарци се надеваат дека ќе успеат да ја надополнат негативата во однос на Шкендија, со оглед дека во оптек се уште 54 бода во вториот дел од шампионатот.

„Ја завршивме оваа полусезона со заостанување од осум бодови, но во игра се уште 54 поени во вториот дел. Сега нас ни останува зимскиот период прво и основно да се одмориме, и да се подготвиме добро за втората полусезона. Ова беше заслужена победа. Во првиот дел малку беше очигледен и заморот, затоа што прв пат после долго време немавме многу ротации во тимот, и затоа се виде дека овој меч не го почнавме така како што ги почнавме последните два меча со Розенборг и со Академија Пандев, и високата поставеност на Работнички исто така не ни дозволи да развиеме наша игра. Затоа не почнавме добро, иако мислам дека бевме тим кој што сакаше, покажуваше желба. Имавме еден шут на Фелипе и две докрај неиспратени акции, а Работнички не ни направи ниту една шанса иако игравме високо затоа што ние моравме да ја градиме играта, а противникот гледаше само како да се одбрани. Во второто полувреме целосно друга слика. Бевме доминатни, направивме 2-3 „зицер“ шанси, мораше порано да го отвориме натпреварот, но упорноста, карактерот, желбата на овој меч на фудбалерите покажа дека Вардар мора да верува и да се надева во другиот дел од првенството дека може да стигне до титулата“, истакна шефот на стручниот штаб на Вардар.

Се вчитува...