Јаневски: Време е конечно и за бодови во ЛЕ, сакаме позитивен крај во Европа - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Коментари
11/12/2017 12:49
Ракомет
11/12/2017 11:00
Меѓ. Фудбал
10/12/2017 19:26
Кошарка
10/12/2017 19:35

Јаневски: Време е конечно и за бодови во ЛЕ, сакаме позитивен крај во Европа

Јаневски: Време е конечно и за бодови во ЛЕ, сакаме позитивен крај во Европа

Стратегот на Вардар, Чедомир Јаневски е оптимистички расположен во пресрет на последниот натпревар за „црвено-црните“ во Лигата на Европа. Утре „вардарци“ од 21:05 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје го пречекуваат норвешки Розенборг, верувајќи дека може да дојдат и до првите бодови во ова натпреварување.

„Оваа година факт е дека дебитантскиот настап за нас во Лигата на Европа беше собирање на искуство. Сите заедно добивме една слика како е да се натпреварува во едно вака силно натпреварување“ – истакна Јаневски на денешната официјална прес-конференција пред утрешниот меч.

Вардар е единствена екипа во Европа која досега нема ниту еден освоен бод во Лигата на Европа…

„Секако сакаме да завршиме во Европа со позитивен крај. А, позитивен крај е освојување на првите бодови. Мора да кажеме дека бевме блиску до бодови и против Розенборг во Норвешка и против Зенит. Сега ќе ни треба максимален ангажман на терен за да дојдеме до бодовите. Постои оптимистичко расположение но мора секој да даде максимум од себе за да стигнеме до посакуваниот резултат“ – вели Јаневски.

Вардар за пресметката со Розенборг, како што потенцираше Јаневски, ќе има проблеми околу склопувањето на тимот во одбраната. Нема да може да се смета на Брдаровски и Хамбарџумјан, а неизвесни се уште неколку фудбалери.

„Ќе има одредени рокади во тимот, но не е важно кој каде ќе настапи туку мора да го даде максимумот за да дојдеме до посакуваните бодови“ – вели Јаневски.

„Вардарци“ последниот тренинг пред утрешниот натпревар ќе го одработат од 18 часот во својот тренинг камп во Хиподром. На првиот меѓусебен натпревар во ЛЕ, Розенборг славеше со 3-1 во Трондхајм.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.