ЈАНЕВСКИ vs ОСМАНИ: Тактичко надмудрување – прв дел!

Двата најдобри македонски клубови Вардар и Шкендија денеска од 14 часот на националната арена „Филип Втори“ ги очекува првата пресметка од четвртфиналето во Купот на Македонија.

Вардар и Шкендија на мегдан. Добро познат терен. Добро познати противници. Па, на крајот сосема е јасно дека во голема мера патникот во полуфиналето од најмасовното домашно клупско натпреварување ќе го одлучи тактичкото надмудрување меѓу двајцата стратеци, Чедомир Јаневски од една и Ќатип Османи од друга страна.

Не е никаква тајна и во двата табори постои огромна желба за пласман во полуфиналето. Вардар дефинитивно посакува триумф на првиот меч за зголемување на амбициите за место меѓу четирите најдобри…

„Пред нас се два натпревари против Шкендија во Купот, првиот меч го играме на домашен терен. Треба повторно да се надигруваме како што беше на стартот од пролетниот дел. Знаеме дека овие натпревари и дома и на гости се тешки за играње, затоа што имаме против себе ривал кој што е квалитетен. Ќе настојуваме да го добиеме овој прв меч пред реваншот. Ќе биде сосема поинаков натпревар од оној кој го игравме против Победа во неделата. Повторно ќе кажам, од Вардар се бара во сите натпреварувања кои ги игра да оди на победа, така ќе биде и во Купот на Македонија  каде сакаме да стигнеме што подалеку, и да го освоиме Купот. Одиме чекор по чекор, знаеме дека ќе бидат два тешки меча, меѓутоа како што реков, ќе дадеме се од себе да поминеме во следната фаза“ – вели Јаневски пред мечот.

Од Шкендија, пак, не ги кријат амбициите и за двојна круна сезонава, потенцирајќи дека максимумот ќе го дадат и во Купот да го елиминираат Вардар.

„Ќе бидат два тешки натпревари. Се разбира верувам дека патникот во полуфиналето дека ќе биде одлучен дури по вторите 90 минути. Шкендија сака пласман во полуфиналето, и според мене на патот до таа цел важни ќе бидат постигнати головите на гостински терен. Наша мала предност е можеби што реваншот ќе го играме во Тетово, но добро е покажано досега дека кога играат овие два тима сепак домашниот терен и не игра некоја голема улога“ – истакнува Ќатип Османи.

Се вчитува...