Јонуз: Ќе бидам кандидат за претседател на ФФМ

Поранешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација, кој претходно шест години ја водеше и младата селекција до 21 година, Мирсад Јонуз, е избран за делегат од ОФС Тетово и ќе биде кандидиран во претседателската трка на претстојното Изборно Редовно Годишно Собрание на ФФМ што ќе се одржи на 18 февруари. Самиот Јонуз кандидатурата што ќе следи ја потврди за ЕКИПА.

Еден од најголемите општински фудбалски сојузи, ОФС Тетово, ми ја укажа довербата да бидам делегат на претстојното Собрание на ФФМ. Исто така, од нивна страна ќе бидам кандидиран за претседател на Фудбалската Федерација на Македонија. Во наредниот период детално и конкретно ќе ја образложиме нашата идеја и програма за работа и таа ќе биде претставена на прес-конференција пред јавноста, а истовремено ќе ги посетиме и сите други општински фудбалски сојузи и ќе разговараме по тоа прашање. Засега, би сакал да искажам благодарност до луѓето од ОФС Тетово што ми ја укажаа довербата, а сето останато ќе следи откако и официјално ќе биде поднесена мојата кандидатура, во предвидениот рок според Статутот на ФФМ“ – изјави Мирсад Јонуз.

Јонуз беше еден од иницијаторите за промени во Фудбалската Федерација на Македонија и во изминатиот период, но како дел од „Обединетите за Фудбалот“, каде што како главен кандидат за претседател беше потенциран Дарко Панчев.

Се вчитува...