Јовиќ: Го плативме данокот на неискуството

Металург речиси 50 минути држеше чекор со Монпелје, но во финишот немаше сила за подвиг против првиот фаворит во групата и мораше да се помири со четвртиот пораз (21-27). Александар Јовиќ по мечот истакна дека жали за неискористените шанси, но и спортски му честитита на противникот признавајќи дека Монпелје според квалитетот е далеку пред сите други противници во групата Д.

Заслужена победа на Монпелје, екипа која според квалитетот заслужува да биде во „А“ и „Б“ групите од ЛШ. За победа ни беа потребни уште еден-два играчи повеќе во ротацијата, или да не грешевме кога имавме шанса да дојдеме до нерешено. Честитки до моите играчи за желбата и за борбеноста. Ние мора да учиме од овие натпревари. Го плативме данокот на неискуството“ – потенцираше Александар Јовиќ.

За пропуштените шанси на овој дуел жали и бекот на Металург, Халил Јагањац кој затаи во реализацијата посебно во вториот дел.

Се боревме до последната минута. Тоа е нашиот квалитет. Но, за победа против Монпелје кој е насилна екипа во нашата група, треба да си совршен и да не грешиш. Ни недостасуваше сила и повеќе играчи во ротацијата. Затоа противникот побегна резултатски во финишот и дојде до триумф. Резултатот на крај можеби и не е реален затоа што се држевме до последните десет минути“ – истакна Јагањац.

По двата порази во серија на домашен терен, шанса за враќање во победнички ритам, Металург ќе бара на гостувањето против Бешикташ во следното коло, на 18 ноември.

Се вчитува...