Јовиќ: Најслаб меч на Металург сезонава, мораме да учиме од грешките

Тренерот на Металург, Александар Јовиќ, со право беше разочаран од изданието на својот тим на гостувањето против Горење, меч што „металурзите“ го загубија со преубедливи 37-25.

„Честитки до противникот за оваа заслужена победа. Домаќините ги решија дилемите уште во првото полувреме, откако ние влеговме во мечот со бројни грешки, овозможувајќи му на Горење лесни голови. Ова беше наш најслаб натпревар во СЕХА сезонава, не ни останува ништо друго освен да ги анализираме грешките и да научиме нешто од нив“ – изјави Јовиќ на прес-конференцијата по натпреварот.

Сличен беше ставот и на ракометарот на Металург, Анте Токиќ, кој очекува подобри изданија на македонскиот вицешампион на следните натпревари.

„Горење денеска беше подобар во сите аспекти од играта. Ги спречија нашите акции „еден на еден“, постигнаа лесни голови од контранапади, а згора на тоа ние не бевме ниту доволно агресивни во одбраната. Сепак, ние сме млад тим и убеден сум дека ќе извлечеме поуки од овој пораз и ќе заиграме подобро во иднина“ – истакна Токиќ.

Се вчитува...