Јубилеј за паметење на Раул Албиол, Јуве е на дофат на Наполи

Наполи ја преполови предноста на Јувентус од четири на два бода на девет кола до крајот, најавувајќи супер-интересна битка за скудетото оваа натпреварувачка сезона.

„Наполитанците“ вечерва за противник ја имаа Џенова (1-0), состав што им создаде огромни проблеми на напаѓачите Мертенс, Инсиње и Калјехон. За среќа, домаќините во своите редови го имаа Раул Албиол, кој со прецизен удар со глава го постигна победничкиот гол во 72. минута, на најдобар можен начин прославувајќи го својот јубилеј, 200. меч во дресот на „наполитанците“.

Горан Пандев ги одигра првите 65 минути од оваа средба, македонскиот ас имаше две убави шанси, но не успеа да му постигне гол на својот поранешен клуб.

Во вториот вечерашен натпревар Лацио одигра само 1-1 на домашен терен против Болоња, со што римскиот клуб го загуби четвртото место од Интер. Гостите први поведоа преку Верди по само три минути игра, Лацио израмни во 16. минута преку Лукаш Леива, но домаќините и покрај иницијативата не успеаја да постигнат и втор гол и да ја оправдаат фаворитската улога на оваа средба.

Се вчитува...