Јунајтед ја зголеми понудата за Перишиќ

Англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед испрати нова, побогата понуда до Интер за ангажман на хрватскиот интернационалец Иван Перишиќ. „Црвените ѓаволи“ се надеваат дека раководството на италијанскиот калчолигаш ќе ја прифати понудата од 50 милиони евра, за Перишиќ да се пресели на „Олд трафорд“. Последниот збор сепак ќе го има новиот тренер на Интер, Лучијано Спалети, кој веќе го планира составот за следната сезона.

Перишиќ е голема желба на менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо. Тој ги следеше неговите игри неколку пати и во дресот на Интер, и во хрватската фудбалска репрезентација, и побара од раководството да го доведе на „Театарот на соништата“. Се очекува Интер да ја прифати оваа нова понуда од 50 милиони евра и да го дозволи трансферот на Перишиќ во Англија.

Според најавите, крилниот играч треба да потпише четиригодишен договор со Манчестер јунајтед, а ќе заработува 7 милиони евра по сезона на „Олд трафорд“.

Се вчитува...