Јуриќ не го пушта Пандев да дојде на Суперкупот!

Горан Пандев беше избран за амбасадор на Суперкупот на Европа, но како што стојат работите македонскиот капитен сепак нема да допатува во Скопје за да биде дел од спектаклот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед. Како што дознава ЕКИПА, причината е инсистирањето на тренерот на Џенова, Иван Јуриќ, Пандев да остане на подготовките на италијанскиот прволигаш, не давајќи му на нашиот интернационалец два слободни дена за да допатува во Скопје.

Ставот на италијанскиот клуб е дека Пандев неодамна потпиша професионален договор со Џенова на уште една сезона и очекува истиот да биде испочитуван максимално. Во Џенова не гледаат на амбасадорската улога на Пандев како на ангажман што е задолжителен, па на инсистирање на Јуриќ, Македонецот ќе мора да го гледа дуелот Реал – Манчестер јунајтед на ТВ заедно со своите соиграчи од Џенова. Според хрватскиот стручњак, тој мора да остане, тренира и да се бори за место во првиот тим на Џенова наместо да се занимава со „амбасадорскиот ангажман“.

Пандев како најдобар македонски фудбалер важеше за главен промотор на големиот спортски настан. Тој дефинитивно ќе ја пропушти гала-вечерата на која требаше да биде еден од домаќините заедно со претставниците на Фудбалската Федерација на Македонија, а на која ќе присуствуваат видни гости од двата клуба, како и челниците на УЕФА. Останува да се види дали во следните десетина часа разумот ќе надвладее, па Пандев ќе се појави барем на утрешниот натпревар, како амбасадор на Суперкупот на Европа.

Се вчитува...