Јута ја доби „мајсторката“ со клиперси, оди на мегдан со Голден стејт

Тимот на Јута џез е последниот учесник во конференциските полуфиналиња во НБА-лигата откако „џезерите“ по огромна битка успеаја да триумфираат во серијата против ЛА клиперс со 4-3 во победи. Откако пред неколку дена испуштија шанса на домашен терен да обезбедат пласман во следната рунда, кошаркарите на Јута тоа го сторија вечерва на потешкиот начин, на гостински терен во Лос Анџелес триумфирајќи во мајсторката со конечни 91-104.

По израмнетата прва четвртина (24-24), гостите заиграа подобро во следните два периоди, стигнувајќи до двоцифрена предност. И покрај обидите за камбек, клиперси не успеаја посериозно да се приближат, отсуството на Блејк Грифин премногу се почувствува во оваа мајсторка, па Јута на крајот заслужено се избори за место во полуфиналето од Западната конференција, каде „џезерите“ ќе се сретнат со Голден стејт.

Гордон Хејворд, кој се рехабилитираше од повредата поради која пропушти неколку средби од оваа серија, беше најефикасен кај Јута со 26 поени, пред Хил и Фејворс со по 17 поени. ДиАндре Џордан со 24 поени и 17 скокови беше единствениот расположен за игра кај ЛА клиперс, во чии редови својот последен меч во кариерата го одигра Пол Пирс, реализирајќи шест поени.

Се вчитува...