Јувентус бара нов Бразилец за наследник на Дани Алвеш

Директорот Џузепе Марота потврди дека Дани Алвеш сигурно ќе си замине од Јувентус, а раководството на „старата дама“ веќе ја почна потрагата по нов десен бек. И повторно главна желба на најтрофејниот италијански клуб е Бразилец, поточно Данило од редовите на Реал Мадрид. Шпанските медиуми обелоденија дека Јуве веќе ги почнал разговорите со „кралскиот клуб“, но барем засега двете екипи се далеку од постигнување на договор.

Имено, Реал Мадрид инсистира на продажба на фудбалерот и сума од 30 милиони евра, колку што му платија на Порто пред неколку години. Од друга страна, „старата дама“ го бара Данило на позајмица, за која италијанскиот првак би платил околу четири милиони евра. Јуве е подготвен во договорот за позајмица да се внесе и клаузула според која овој клуб следното лето ќе има обврска целосно да го откупи договорот на дефанзивецот, па сега се чека одговорот на шпанскиот гигант за оваа опција.

Данило во секој случај не е стандарден првотимец кај Зинедин Зидан, кој предност му дава на Дани Карвахал, па затоа лесно може да се случи „кралевите“ да дадат зелено светло за заминување на фудбалерот кој не ги оправда очекувањата по доаѓањето од Порто.

Се вчитува...